nokia-n9-family

Финскиот бренд, кој своевремено беше убедливо најуспешен на пазарот на мобилни телефони, сигурно сѐ уште има огромен број на корисници и особено фанови на земјината топка. Затоа, нивното враќање на пазарот со Nokia паметен телефон со Android добива толку многу публицитет во медиумите.

Сега, знаеме со сигурност дека тоа ќе се случи на почетокот на наредната година, бидејќи финскиот бренд на нивниот веб сајт стави нова страна “Phones”, каде има најава дека првите модели ќе пристигнат во таа временска рамка. Има шпекулации дека тоа ќе бидат модели од средната класа, со Snapdragon 430 процесор, просечен дисплеј и просечна камера, но искрено се надевам и верувам дека враќањето ќе го одбележат со модел од високата класа. Со ваков модел тие би можеле веднаш да бидат забележани на пазарот, бидејќи би се натпреварувале со Samsung Galaxy S серијата и iPhone.

nokia-phones

За производство на телефонот сепак нема да биде задолжена директно Nokia, бидејќи со купувањето на дивизијата за производство на хардвер, Microsoft ги откупи сите фабрики на брендот, многу од луѓето задолжени за развој и мрежата за дистрибуција. За тоа ќе бидат задолжени компанијата HMD Global Oy, која ќе ги дизајнира и развива телефоните и FIH Mobile, подружница на Foxconn, тајванската компанија која е позната по производството на iPhone смартфоните, а која ќе ги произведува и телефоните на Nokia.

Сепак, не бидете загрижени дека ова нема да бидат „вистински“ Nokia смартфони. HMD Global Oy е компанија која е оформена со финансии од приватни инвеститори но со посредување на Nokia, која сигурен сум ќе има што да каже во развојот на новите уреди, особено поради нивното долгогодишно искуство. Исто така, Nokia ќе заработува на секој уред, а како надоместок за употребата на брендот.

Како и да е, ние корисниците можеме само да се радуваме на враќањето на Nokia, бидејќи тоа ултимативно значи повеќе иновации и подобри смартфони на пазарот, од сите производители. Јас би почекал да ги видам смартфоните, но има доза на оптимизам дека Nokia нема да ја пропушти шансата да направи бум на пазарот.

Извор: The Verge, Venture Beat, The Next Web

Претходна статијаШто е “Cloud” и како да ја изберете најдобрата опција
Следна статијаСите SwiftKey теми бесплатни за празниците