Samsung неодамна го лансираше Galaxy Note 8, смартфон кој и покрај неуспехот на неговиот претходник се продава одлично и е жесток конкурент на iPhone 8 и iPhone X. Сепак, Samsung е производител со најмногу смартфони во својата понуда и затоа нема да треба да чекаме премногу долго за да го претстават својот нов најдобар смартфон, Galaxy S9, за кој сега ги имаме и првите информации.

Овие „информации“ се повеќе претпоставки и мора да напоменам да ги земете со голема задршка, но според тоа колку брзо Samsung досега имплементираше новини во своите модели, јас сум скоро и сигурен дека многу од нив ќе ги видиме во Galaxy S9.

Прво, дизајнот ќе остане сличен како на Galaxy S8 и S8+, но за очекување е рамката во долниот и горниот дел на дисплејот да биде уште помала. Од друга страна, има информации кои велат дека читачот за отпечатоци ќе се врати на предниот дел од телефонот и тоа во долната рамка, но лично се надевам (и очекувам) дека Samsung ќе биде првиот кој ќе го вгради ваквиот читач под дисплејот.

Камерата ќе добие подобрување во однос на S8 и S8+, односно ќе биде истата како кај Note 8 – комбинација од две камери, едната со нормален (малку поширок) агол на гледање и една со повеќе зум, а се најавува и супериорно забавено видео со 1.000 fps. Многу веројатно, Galaxy S9 ќе биде првиот смартфон со Snapdragon 845 чипот (верзиите за САД) и најновиот Exynos чип на корејскиот производител. Кај овој модел, чиповите ќе бидат помогнати од 6 GB рам меморија, а се очекува и двата да бидат помогнати од неврален чип за вештачка интелигенција.

Голема е можноста и капацитетот на батериите да биде поголем – S8 и S8+ и немаат којзнае колку долго траење на батеријата, a според некои информации, Samsung ќе вгради и технологија за 3D препознавање на лицето, иста како кај iPhone X. Galaxy S8 и S8+ имаа слична технологија, но таа го препознаваше сопственикот преку зеницата на окото.

Samsung Galaxy S9 и S9+ би требало да пристигнат на пазарот во првото тримесечје од 2018 година, со цена слична на онаа на S8 и S8+ кога беа лансирани, што значи дека истата ќе биде значително пониска од онаа на iPhone X.

Извор: T3, Expert Reviews, Android Authority

Претходна статијаПротече првото видео од iPhone X
Следна статијаInstagram Superzoom е нов ефект за Instagram Stories