iPhone 8 е веројатно најпротекуваниот смартфон во историјата – минативе неколку месеци се изнаслушавме информации, се изнагледавме фотографии и концепти итн. Многу од нив беа само претпоставки или желби на некои корисници, но денес имаме информација која има малку поголема тежина, бидејќи доаѓа од твитер профилот @onleaks и која ни ги донесува првите фотографии од смартфонот, поточно од макета на iPhone 8 (истите оние кои ги има по продавниците и кои не се реален телефон).

Според нив, iPhone 8 ќе има дисплеј со сооднос на страните од 18,5:9, исто како Galaxy S8. Рамката околу него ќе биде многу мала – само околу 4 mm, но во горниот дел ќе има поголем дел од дисплејот засечен поради звучникот за слушалката и предните камери и сензори. Назад пак двојната камера ќе биде вертикално поставена и повторно прилично многу ќе излегува од куќиштето, додека напред веќе нема да има Home копче, што најверојатно значи дека читачот за отпечатоци ќе биде вграден под дисплејот.

Бидејќи на фотографијата може да се види дека задниот дел ќе биде од стакло, тоа потврдува и дека iPhone 8 ќе поддржува безжично полнење, но тоа скоро сигурно ќе биде некој нивни стандард, а не актуелните Qi и PMA стандарди.

Од нови технологии, задната камера ќе има и нова можност за изменета реалност, која според најавите ќе биде најдобра од сите смартфони досега.

iPhone 8 ќе биде лансиран во септември оваа година и иако овие фотографии делуваат прилично верни, поради многу различни информации од претходно, јас повторно би рекол да ги дочекаме со мала задршка.

Извор: Tech Radar, ZDNet, 9 to 5 Mac

Претходна статијаКритична маса #62: Заспана контрола – сообраќај чудовиште!
Следна статијаiOS 11 Beta верзијата достапна за сите корисници