Иако нема сѐ уште објавено, скоро е сигурно дека Microsoft наскоро треба да одржи посебен настан на кој ќе ги претстави своите нови Surface производи, меѓу кои ќе биде и најпопуларниот во гамата – Surface Pro 5. Сега има и неколку информации за тој модел, кои делуваат многу веројатни, особено што се од Пол Турот, кој будно ги следи сите новости од светот на Microsoft.

Имено, Surface Pro 5 нема да донесе огромни промени однадвор, што реално и не беше претерано потребно. Дисплејот ќе има иста големина од 12,3 инчи и иста резолуција, а ќе остане и магнетниот приклучок за полнење, што е многу, многу позитивна вест. Сепак, Display Port излезот за надворешен дисплеј најверојатно ќе биде променет со USB Type-C приклучок, кој може да се користи за многу повеќе функционалности.

Нормално, внатре ќе бидат вградени нови Kaby Lake процесори, кои ќе донесат околу 25% подобрување на перформансите. Очекувајте и побрзи SSD дискови, како и повеќе рам меморија и скоро сигурно, подолго траење на батеријата. Нормално и Surface Pro 5 ќе доаѓа со дигитално пенкалце, кое лично очекувам да препознава многу повеќе нивоа на притисок од актуелното.

За многумина, ова ќе бидат доволно добри промени, но дефинитивно оние кои веќе имаат Surface Pro 4 нема да има причина да надградат. Сепак, оние кои веќе некое време размислуваат за таблет кој може да се користи и како лаптоп, добро е да почекаат на лансирањето на новиот модел на компјутерот кој буквално ја лансираше оваа категорија на пазарот.

Извор: The Verge, The Next Web, TechCrunch

Претходна статијаUbuntu на телефон е завршена приказна
Следна статијаYouTube со нови правила за оние кои заработуваат од видеа