Еден од најочекуваните паметни телефони на саемот MWC во Барселона е знаменосецот G6 на LG. Како што бива со ваквите модели, уште сега протекоа информации и дури и фотографија од горната половина на смартфонот, каде може да се види дека LG повторно од корен почнал да го развива својот најважен модел.

На фотографијата може да се види дека рамката околу дисплејот ќе биде исклучително мала, особено во горниот дел кој е минимален. Интересно, како кај Xiaomi Mi Mix дисплејот има заоблени агли, кои одлично прилегаат со целосниот заоблен дизајн на телефонот, правејќи една складна целина. Изработката според The Verge, кои ги објавија протечените информации, ќе биде од стакло и алуминиум, па може да очекуваме алуминиумска рамка од страните и стакло напред и назад.

Најголем адут на LG G6 ќе биде дисплејот, кој ќе биде повисок и потесен од стандардните. Поточно, тој ќе има сооднос на страните од 2:1, односно 18:9 како што сака да го комуницира LG, за разлика од 16:9 дисплеите кај сите други паметни телефони. Ова значи дека телефонот ќе биде потесен иако ќе има голем 5,7 инчен дисплеј, но горниот крај веројатно ќе биде потешко достижен и покрај  малата рамка во долниот и горниот дел.

Резолуцијата на дисплејот ќе биде високи 2880х1440 пиксели, што е повеќе од конкурентите. Исто така, оваа резолуција би можела да биде покорисна доколку смартфонот се користи во VR уред. Според најавите LG во овој смартфон ќе вградува и скенер за зеницата на окото, како и посебен систем за ладењена чипот.

Покрај G6, на LG на 9 февруари, пред MWC, ќе претстави и два паметни часовници со Android Wear 2.0, развиени во соработка со Google. Нивното име ќе биде LG Watch Sport и LG Watch Style, што добро објаснува дека едниот ќе биде наменет за оние кои бараат фитнес часовник, додека другиот за оние кои бараат функционален паметен часовник со акцент на стилот. И двата ќе имаат кружен дисплеј.

Извор: The Verge, ARS Technica, CNET

Претходна статијаИграј за нов МОТО Z PLAY смартфон
Следна статијаОтсега на сите Chromebook лаптопи ќе може да се инсталираат Android апликации