Денес скоро ексклузивно пишуваме за тоа што ќе ни донесе Samsung Galaxy S8, како и новиот LG G6. Можеби за ова е крив HTC, кој од најпопуларен Android производител, во последниве години стигна да не е во мислите на купувачите поради недостаток на иновации и можности кои ќе го диференцираат од останатите производители, иако самите телефони се прилично солидни. HTC X10 ќе се обиде да го промени ова – се работи за наследник на солидната X9-ка, кој има солидни спецификации и како и секогаш кај HTC, луксузна изработка.

Од она што може да се види на фотографиите, смартфонот ќе биде изработен од алуминиум и ќе има стакло во предниот дел кое ќе се протега низ целата површина, но рамката околу дисплејот сепак нема да биде мала, барем не колку што ќе биде кај LG G6 на пример. Читачот за отпечатоци ќе биде ставен назад, што е одлична поставеност, а напред ќе има и посебни капацитивни копчиња за навигација, што значи дека дисплејот ќе биде ексклузивно наменет за оперативниот систем и апликациите.

X10 ќе биде опремен со MediaTek процесор со 8 јадра, која е послаб од најдобрите процесори на Qualcomm, а ќе биде помогнат од солидни 3 GB рам и 32 GB простор. Дисплејот мери 5,5 инчи во дијагонала и има Full HD резолуција, која не е на нивото на смартфоните од највисоката класа, но е доволна за да не можете да ги видите поединечните пиксели. Камерите се прилично солидни, барем вака на хартија. Задната има 16,3 мегапиксели, додека предната има 7,9 мегапиксели.

Засега не е позната цената на X10, но знаеме дека ќе биде претставен на MWC во Барселона. Според информациите кои ги имаме сега, HTC веројатно повторно ќе има тешка задача против етаблираната конкуренција, но особено против кинеските производители, кои за истите пари нудат доста помоќни паметни телефони, односно барем таков е случајот со поволниот, но недоволно моќен X9. Сепак, би рекол дека проблемот со X9, како и со сите модели на HTC е што производителот не ги промовира доволно и што реално им фалат иновации – алуминиумска изработка беше ин пред неколку години, но денес од лесниот метал се изработени и многу поевтини смартфони.

Извор: Techno Buffalo, Phandroid, NDTV

Претходна статијаНема веќе бушење: Научниците открија начин како расипаните заби самите да се поправаат
Следна статијаSamsung Galaxy Book е Windows 10 таблет кој ќе биде претставен на MWC