Враќањето на Nokia на пазарот на паметните телефони е прилично бавно, особено што моделите се’ уште не се достапни на поголемиот број на пазари во светот, меѓу кои и нашиот. Сепак, тие полека, но сигурно грицкаат од колачот на останатите производители, а најголемиот залак сигурно ќе го земат со знаменосецот Nokia 9, кој според информациите кои ги имаме досега, ќе биде еден исклучително моќен паметен телефон.

До прототип Nokia 9 уред има стигнато веб страната FrAndroid, кои на фотографиите го прикажуваат покриен со прилично дебела футрола. Сепак, и покрај неа, на нив може да се види дека дизајнот ќе биде сличен на останатите модели, како Nokia 6, кои оние кои ги тестираа ги пофалија за одличната завршна обработка.

Сепак, спецификациите на 9-ката ќе бидат многу подобри од тие на другите модели во гамата. На пример, процесорот ќе биде Snapdragon 835, помогнат од 4 GB рам меморија и 64 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. Дисплејот пак ќе има големина од 5,27 инчи и Quad HD резолуција.

Исто така, задната камера ќе биде двојна – едниот сензор ќе биде во боја, додека другиот ќе биде црно бел, со цел да се постигне повисок контраст и повеќе детали. Нивната резолуција ќе изнесува 13 мегапиксели.

Во долниот дел е вграден и USB Type-C приклучок за полнење, кој ќе поддржува Qualcomm QuickCharge 3.0.

Една од најголемите предности на Nokia 9 во однос на конкурентите ќе биде чистата верзија на Android Nougat 7.1.1, која не само што ќе овозможи помазно и побрзо работење, туку најавува и многу брза надградба на поновите верзии и добивање на нови брзи сигурносни надградби.

Засега, сите овие информации земете ги со мала задршка, иако делуваат навистина точно. Исто така, се’ уште не е познато кога ќе биде претставен овој смартфон, но очекувам тоа да се случи летово.

Според тоа какви се цените на актуелните модели, очекувајте доста пониска цена од таа на етаблираните конкуренти, односно блиска до кинеските.

Извор: Pocketnow, Forbes, GSMArena

Претходна статијаSamsung ќе прикаже дисплеј кој може да се тегне и витка
Следна статијаКако друштвените мрежи влијаат на менталното здравје кај младите