surface_pro_4_vs_ipad_pro_5

Приказната за уредите кои требаше да целосно ги заменат нашите лаптопи полека го доживува својот крај – таблетите имаат голем пад на продажбата во првото тримесечје оваа година, а тоа особено важи за оние најпродаваните, односно iPad на Apple и таблетите на Samsung.

Поточно, Apple доживеа пад од цели 18,8% на продажбата на своите популарни таблети и покрај претставувањето на два нови модели, додека Samsung цели 28%. Двата најголеми производители сега држат 25,9%, односно 15,2% од целата продажба на таблети во светот.

По Apple и Samsung следуваат Amazon, кој имаше покачување на продажбата благодарение на својот супер евтин Fire таблет од 50 долари и кинеските Lenovo и Huawei, кои имаат богата понуда на достапни таблети со Android.

Вкупната продажба на таблети пак падна за 14,7% во однос на истиот период лани, што во превод значи дека во првите три месеци од 2016 година беа продадени 39,6 милиони примероци.

Од друга страна, покачување во продажбата доживеаја таблетите со тастатура, односно таканаречените Surface клонови. Првиот квартал од годинава се продадоа 4,9 милиони такви уреди, што е скоро двојно повеќе од истиот период минатата година.

Ова ги прави „2 во 1“ уредите и единствени на пазарот во моментов кои растат во поглед на популарноста, бидејќи оваа година паѓа и продажбата на паметни телефони, како и на лаптопи и десктоп компјутери.

Според аналитичарите, овие уреди ќе продолжат да растат на пазарот, евентуално заменувајќи ги и таблетите и лаптопите, кои ќе продолжат да паѓаат во наредниве неколку години.

Извор: Market Watch, MSN, PCWorld

Фото: PC Advisor

Претходна статијаИднината ве предизвикува: SEDC најавува Challenge day за целосна стипендија за следната академска година
Следна статијаXerox го поедноставува управувањето со боите за мастилните печатарски машини