Неодамна, Google ги лансираше Pixel 2 паметните телефони, со голема помпа и најава дека ќе бидат најпаметните паметни телефони на пазарот со убедливо најдобра камера. Сепак, поголемиот Pixel 2 XL, кој воедно е и попопуларен од помалиот модел, има значителни проблеми со дисплејот, кои не само што разочараа илјадници корисници, туку би можеле да бидат голема дамка во обидите на гигантот Google да биде хардверски конкурент на Apple и Samsung.

Да се навратиме на дисплејот. Се работи за P-OLED панел од LG, кој има 18:9 сооднос и висока резолуција од 2880х1440 пиксели. На хартија, дисплејот изгледа извонредно и лесно е конкурентен со сите модели во премиум класата. Сепак, на тестовите не само што не се покажува како доволно добар, туку има и неколку големи недостатоци за кои навистина нема место во еден премиум смартфон од 2017 година.

Имено, голем дел на корисници се жалат на сино обојување низ целиот дисплеј ако се гледа дури и малку отстрана, што е видливо кај скоро сите уреди и веќе докажано на безброј видеа на YouTube. Денес, во време кога скоро секој премиум смартфон има екран кој изгледа одлично и под екстремни агли, ова е изненадување, особено што дисплејот е од најновата P-OLED генерација на LG.

Потоа, многу корисници се жалат дека сликата има шум, особено при послабо осветлување на дисплејот навечер, а факт е и дека боите на екранот се многу слаби – скоро секој друг смартфон има поживи бои. Згора на тоа, многу модели страдаат од “burn in” на дисплејот, односно останување на статична слика како дух во позадина на дисплејот после подолго гледање на иста содржина.

Ова е проблем на сите OLED екрани, но кај Pixel смартфоните се јавува само по неколку минути гледање во статична слика, наместо неколку часови. Затоа, Google веќе го истражува проблемот и можно решение би било дури да бидат и променети екраните или целите смартфони на корисниците кои се жалат од вакви проблеми.

Најинтересното од се е што помалиот Pixel 2 модел, кој има 5 инчен AMOLED дисплеј од Samsung, воопшто не страда од ниту еден од проблемите наведени погоре, што е само дополнителен доказ за послабиот квалитет на OLED екраните на LG, компанија која пак е многу сериозна за земање на голем дел од пазарот каде сега е доминантен Samsung.

Сите овие проблеми за многу корисници можеби и нема да бидат видливи, но факт е дека дисплејот на Pixel 2 XL е проблематичен и недоволно добар за смартфон од високата, премиум класа, кој чини 850 евра. јас не би одел дотаму да кажам дека целиот проект на Google за Pixel уредите би можел да пропадне поради ова, но мислам дека треба да имаат многу построга контрола на квалитетот доколку сакаат да ги освојат корисниците и со своите смартфони, таблети и лаптопи.

Извор: The Verge, Android Central, BGR

Претходна статијаМрежа со оптички кабли може да се користи за детектирање земјотреси
Следна статијаOnePlus 5T ќе има 6 инчен 18:9 дисплеј со минимална рамка?