htc-one-m8

Како што беше најавено, HTC денеска на настан одржан во New York го претстави својот нов модел предводник HTC One (M8). Карактеристиките на новиот модел беа предмет на повеќе шпекулации, меѓу кои и неофицијални видеа на кои што беше прикажан, а од денешното претставување може да се види дека тие се покажаа како точни. HTC One (M8) е наследник на минатогодишниот HTC One и се разбира доаѓа со нови и подобрени карактеристики и функции.

HTC One (M8) доаѓа со 5 инчен екран, поголем од претходниот кој што доаѓаше со 4,7 инчи. Истиот е Super LCD3 екран на допир со резолуција од 1920 x 1080 пиксели и густина на пикселите од 441 ppi. Работи на најновата верзија од Android оперативниот систем, односно на 4.4 KitKat и на новата верзија од променетиот кориснички интерфејс HTC Sense 6. Доаѓа со Qualcomm Snapdragon 801 чипсет кој што ги вклучува Quad-core 2.3 GHz Krait 400 процесорот и Adreno 330 графичкиот процесор. Има 2 GB на RAM меморија и можност за избор помеѓу 16 и 32 GB на внатрешна меморија, а има поддршка за проширување на меморијата преку microSD картичка до 128 GB. Исто така овој модел доаѓа со LTE поддршка, Bluetooth 3.0, NFC, 802.11ac Wi-Fi и IR, како и стандардните акселерометар, сензор за близина, сензор за светлина, жироскоп. Моделот доаѓа со избор од три бои, метално сива, сребрена и златна.

htc-one-m82

Една од новите работи претставени во новиот модел е двојната камера која што беше очекувана, која што доаѓа и со двоен flash. Оваа камера не доаѓа со голем број на мегапиксели, како што е тренд кај повеќето други модели, па истата вклучува 4 мегапиксели за кои што од HTC објаснуваат се повеќе и од доволно за камера на мобилен телефон. Истата вклучува технологија наречена Ultrapixel која што помалиот број на пиксели го надоместува со нивна поголема способност за апсорбирање на светлина. Користењето на двојна камера овозможува одредени промени на сликата по нејзиното сликање, па така корисниците ќе имаат можност да го менуваат фокусот на сликата. Оваа функција е карактеристична за Lytro концепт камерата. Камерата ќе доаѓа и со можност за поставување на визуелни филтри, како и неколку ефекти како можноста за менување на аголот на сликата, поставување на различна позадина и преместување на луѓето од сликата на друга слика. Камерата има можност за снимање на видео со Full HD резолуција со 30 fps. HTC One (М8) доаѓа и со предна камера која што има повеќе мегапиксели од задната, па истата вклучува 5 мегапиксели.

Новиот модел доаѓа со нова можност за користење на гестови за работата со уредот, па така можно е негово отклучување со повлекување од доле нагоре, вклучување на Blinkfeed со повлекување од десната страна додека е заклучен и слично. Друга од тие нови функции е можноста за одговарање на телефонски повик со зимање на уредот и поставување до увото.

HTC One (M8) доаѓа со посебна функција за заштеда на батеријата наречена Extreme Power Saving Mode. Кога телефонот работи во овој режим, кој што може автоматски да се вклучи или рачно, истиот треба да добие 40% повеќе време за работа. Според HTC кога телефонот е целосно наполнет и со вклучен режим за заштеда, тој може да издржи и до 14 дена во standby.

Blinkfeed функцијата добива поддршка за додатни извори на информации, а исто така издадена е и SDK алатка за програмерите да може да додадат поддршка за функцијата на нивните апликации.

Што мислите за новиот модел од HTC, како и во споредба со новиот Samsung Galaxy S5 ?

Слики: TechCrunch

Претходна статијаSmartMio, преносен уред за електрична стимулација на мускулите
Следна статијаMicrosoft нуди до $100 за замена на Windows XP системи
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.