Во септември оваа година, Apple треба да го претстави новиот iPhone 8, смартфон кој скоро сигурно ќе направи голем скок во дизајнот и можностите. Сепак, тој ќе биде лансиран заедно со подобрени верзии на двата актуелни модели, односно iPhone 7S и 7S Plus и скоро сигурно ќе биде достапен покасно од нив.

Поточно, тој ќе биде претставен на истиот датум, но нема да може да се купи скоро до крајот на оваа година, за што крив е токму дизајнот на самиот телефон, поради кој ќе треба да се направи нова производна линија. Всушност и самото производство на овој модел ќе биде потешко и подолго отколку на обичните.

Да потсетиме, iPhone 8 ќе биде револуционерен уред, кој ќе изгледа сосема различно од сите iPhone-и досега. Исто така, има најави дека тој ќе има читач за отпечатоци вграден во самиот дисплеј, како и предна селфи камера со 3D можности, која ќе овозможи снепчет тип на филтри на многу повисоко ниво.

Најавите дека телефонот ќе биде достапен покасно се придружени и од најави за многу повисока цена. Имено, веќе скапите iPhone 7S и 7S Plus се очекува да ги задржат цените, што значи дека 8-ката, односно премиум моделот, ќе биде многу поскап. Очекувајте цена која лесно ќе надминува 1.000 долари/евра.

Интересно, има информации и кои велат дека Apple нема да може навреме да развие смартфон без рамка околу дисплејот и дека веќе има потешкотии во развојот. Според овие информации, ваков iPhone ќе пристигне дури наредната година, што не е надвор од можностите. Едноставно, уред кој нема рамка и кој има читач за отпечатоци вграден во дисплејот е сѐ уште во доменот на научната фантастика, колку и да се чини близу до пазарот.

Сепак, јас би рекол дека сите овие информации треба да се земат со задршка, како и секогаш, особено што многу од нив противречат едни на други.

Извор: The Verge, Bloomberg, BGR

Претходна статијаИнтервју со Елена Петрушевска, проектен менаџер во МАСИТ – Стопаснка комора за информатички и комуникациски технологии
Следна статијаMicrosoft ја прекина поддршката за многу популарни Lumia смартфони