copy

Samsung сѐ уште не ни ја откри целосната причина за експлозијата на батеријата во нивниот знаменосец Note 7, но затоа има други кои се обидуваат да го направат тоа. Според компанијата Instrumental, која е специјализирана за инженеринг алатки и сервиси, проблемот лежи во самиот дизајн на смартфонот, а не во батеријата.

Имено, поради желбата на Samsung да ги вметне сите можности во што помало пакување, батеријата е ставена во многу помал простор отколку што е потребно. Поточно, таа е прилично притегната и не може слободно да се шири или стеснува. Ова е потребно бидејќи со промените на температурата, батеријата го менува волуменот и треба да има доволно простор околу неа за да може да го направи тоа.

Доколку батеријата е спречена во ширењето, доаѓа со компресија на внатрешните компоненти. Како што веќе напишавме тука, ова може да доведе до допирање на катодата и анодата, што потоа доведува до зголемување на температурата на батеријата, протекување на течноста и нејзино палење.

dsc_0864

Galaxy Note 7 инаку е веројатно единствениот смартфон на пазарот со толку моќни компоненти и мноштво сензори, вградени во тело со исклучително мала рамка и заоблен дисплеј на страните, а згора на тоа и дополнително електронско пенкалце кое се сместува во телото. Затоа, дизајнот на внатрешните компоненти е исклучително збиен и толеранциите се многу помали отколку кај други телефони.

Според Instrumental, просторот околу батеријата е исклучително мал и е под стандардите по кои се водат сите други смартфони. Samsung секако би можел да го намали капацитетот на батеријата, а со тоа и нејзиниот волумен, но Note 7 и така веќе имаше пократко траење од своите претходници, па ова немаше да помине добро кај купувачите.

Исто така, од Instrumental велат дека со текот на времето и со повеќе циклуси на полнења, батеријата се повеќе и повеќе го зголемува својот волумен, што само може да го влоши проблемот. Ова значи дека повлекувањето на моделот од пазарот на Samsung е прилично добар потег, бидејќи работите можеа да станат уште полоши.

Извор: Instrumental, GSM Arena, Forbes 

Претходна статијаКако драстично да ја подобриш својата онлајн приватност во три лесни чекори
Следна статија3 дневна забава за 3от роденден на Капитол Мол