Информациите за iPhone 8 секојдневно буквално го преплавуваат интернетот. Повеќето од нив најавуваат телефон кој има многу мала рамка околу дисплејот и мал засек во горниот дел за звучникот, сензорите и предната камера, но имаше и такви кои најавија дека поради проблеми со производството на ваков iPhone, Apple ќе се одлучи на полесна варијанта, која ќе има мала рамка во горниот и долниот дел на дисплејот, нешто налик на Galaxy S8.

Сега, ако може да веруваме на новата информација на Forbes, Apple дефинитивно се одлучил на првата верзија, односно онаа поимпресивната, со многу мала рамка околу дисплејот со големина од 5,8 инчи.

Според Гордон Кели од Forbes, рендерите претставени тука се направени со помош на производител на футроли за телефонот Nodus, кој успеал да стигне до CAD датотеки со дизајните и точните димензии на iPhone 8. На нив можеме да го видиме уредот кој го видовме во неколку наврати досега и која ако навистина биде претставен, би можел да биде апсолутниот хит на пазарот.

Но, да спомнеме неколку поединости. Од Forbes не можат да потврдат дека читачот за отпечатоци ќе биде вграден во дисплејот, а според сите информации досега тој најверојатно ќе биде вграден во страничното “Power” копче, во задниот дел (помалку веројатно) или пак воопшто нема да го има и ќе биде заменет со 3D скен на лицето.

Камерата позади дефинитивно ќе биде вертикално поставена, бидејќи на овој начин поефикасно ќе може да ја мери длабочината кога телефонот е поставен исправено (за изменета реалност), додека пак засекот во горниот дел на дисплејот ќе биде вкомпониран во нова “Function Area” во iOS 11, која најверојатно ќе биде малку изменета од сегашниот центар за нотификации.

Веќе не знам по кој пат, мислам дека е излишно да напоменувам, но сите овие информации земете ги со задршка, особено што има и спротивни, како на пример видеото на EverythingApplePro YouTube каналот, кој прв ни го претстави импресивниот дизајн погоре, но сега е малку поповлечен во коментарите и претстави уред кој нема да изгледа толку импресивно.

Искрено се надевам дека Forbes се во право, бидејќи таков телефон сигурно ќе го придвижи пазарот напред, но ќе ги задржам коментарите за почетокот на септември, кога овој смартфон ќе биде официјално претставен.

Извор: Forbes, 9 to 5 Mac, Refinery 29

Претходна статијаSkype ќе врати некои од старите функции во новата апликација по големите критики
Следна статијаWizz Air ја најави новата политика за кабински багаж