Со развојот на технологијата, компаниите кои се занимаваат со производство и развој на мобилните уреди се соочуваат со проблемот на недостаток на практични алатки и можности со кои ќе се истакнат од конкуренцијата. Мобилните телефони од последната генерација речиси да не се разликуваат во своите перформанси, односно ги делат нијанси кои просечниот корисник најчесто и не е во состојба да ги забележи.

Во трката по внесување на практична новина на која публиката нема да може да гледа рамнодушно, јапонскиот гигант Samsung Electronics се реши да патентира еден несекојдневен изум. Според пишувањето на корејскиот The Korean Times, се работи за изум кој би бил имплементиран на веќе постоечкиот S Pen Stylus. Се работи за популарното „пенкалце“ кое, според наводите, ќе ја има и функцијата да го измери количеството на алкохол во крвта на корисникот. Мерењето го прави со помош на сензори кои го анализираат здивот на корисникот во моментот додека тој зборува. Сензорите доаѓаат во функција со поместување на механизам во самото „пенкалце“ за 90 степени.

Воведувањето на алко-тест како опција на мобилните уреди има дискутабилна практична намена. Мислењата се поделени, па така јавноста сѐ уште останува pro et contra иако логиката вели дека алко-тест навистина може да биде корисен и да влијае на безбедноста. Останува да се покаже како Samsung ќе се справи со предизвикот истото да го изведе на начин да биде прецизно и поуздано. Новината се очекува да се појави во рамки на новиот Galaxy Note 9, кој би требало да биде претставен идната година.

Извор: The Korea Times, PCMag

Претходна статијаMicrosoft лансира систем за супер брзо машинско учење
Следна статијаiPhone 8 ќе биде претставен на 12 септември?