На 29 Март ќе биде претставен најдобриот смартфон годинава, Galaxy S8, барем до лансирањето на Galaxy Note 8 и iPhone 8. Како го знаеме ова? За Galaxy S8 протекоа веќе десетици најразлични информации, фотографии и видеа и сите тие алудираат на смартфон кој ќе направи голем скок во класата. Освен ако не му се случи некаков проблем сличен на експлозијата на батериите на Note 7, што е скоро неверојатно.

На новото видео само се потврдува тоа што го видовме досега. И двата модели ќе имаат “Edge” дисплеј од страните без рамка, екстремно мала рамка во долниот и горниот дел и изработка која ќе биде комбинација на стакло и алуминиум. Дизајнот е веројатно најдобриот во високата класа на паметни телефони и доволен за да има редици пред продавниците. Да, Galaxy S8 сигурно ќе биде бестселер.

Нормално, ниту еден смартфон не е перфектен и засега има загриженост за поставеноста на читачот за отпечатоци, кој е ставен до камерата, а не под неа. Да потсетиме, Galaxy S8 и S8+ ќе имаат Super AMOLED дисплеи со сооднос од 18,5:9 на страните и ќе бидат тесни, но многу високи смартфони. Затоа, ваква поставеност на копчето би можела да биде недостижна за оние со помали раце, но да ги оставиме коментарите за тоа откако ќе го фатиме телефонот во рака.

Покрај извонредниот дизајн, Galaxy S8 моделите ќе имаат и низа други новитети – нови, супер моќни Snapdragon 835 и Exynos 8895 процесори, екрани со големина од 5,8 и 6,2 инчи, нов дигитален асистент, можност за користење како десктоп компјутер при поврзување со поголем дисплеј или телевизор итн. Следствено на се ова, цените ќе бидат исто така повисоки – основниот модел ќе биде скоро 1.000 евра.

Извор: Phone Dog, The Verge, Daily Mail

Претходна статијаGPD Pocket е ултра мал 7 инчен лаптоп со целосен Windows 10 или Ubuntu
Следна статијаiPhone 8 ќе има целосно нов читач за отпечатоци, дизајниран и развиен од Apple