Apple се чини конечно ќе ја прекине нумеричката шема на именување на своите смартфони. Наместо iPhone 8, новиот луксузен модел, кој треба да ги донесе сите новитети и подобрувања, ќе се вика iPhone Edition. И според Apple Watch Edition, премиум верзија на нивниот паметен часовник, ова значи дека ќе биде исклучително скап.

И не само тоа – iPhone Edition најверојатно ќе биде понуден многу покасно, а во меѓувреме на корисниците во Септември ќе им бидат покажани подобрени верзии на актуелните модели, кои како и досега ќе имаат дополнително “S” во името. Ова е мало разочарување, особено што уште на почетокот од годинава главните конкуренти веќе имаат нови, импресивни смартфони, кои ги фрлаат во сенка iPhone 7 и 7 Plus.

Кога сме веќе кај цената, многу добра индикација може да е таа на керамичкиот Apple Watch Edition, кој чини превисоки 1.249 долари. Со оглед на тоа што iPhone Edition би имал целосно нов дизајн, изработка од стакло и челик, дисплеј кој скоро и да нема да има рамка одоколу и напредни технологии, како читач за отпечатоци вграден во самиот дисплеј, може да очекуваме исто толку висока цена.

Информациите кои ги имаме засега велат и дека Apple напоредно тестира неколку различни прототипи, што значи дека уште нема финална одлука за тоа како ќе изгледа и какви функционалности ќе има iPhone Edition. Моја претпоставка е дека нема да се одлучат на толку скап модел, макар и да биде на сметка на некои новитети.

Извор: Mashable, Fortune, BGR

Претходна статијаНаучници развија компјутер базиран на ДНК, кој може да се „размножува“
Следна статијаКуќа изградена за 24 часа со 3D принтер