Наредните два месеци ќе бидат едни од највозбудливите кога се во прашање смартфоните. Apple планира да го претстави новиот iPhone 8, додека Samsung ќе одговори со Galaxy Note 8, смартфон кој не само што треба да се натпреварува со iPhone, туку и со своите демони од минатото – пред неполна година Galaxy Note 7 единици почнаа да експлодираат, што на крај заврши со повлекување на моделот од пазарот.

Galaxy Note 8 ќе биде претставен на крајот од август – ова го потврди Донгин Кох, претседател на мобилната дивизија на компанијата. Ова значи дека Note 8 ќе биде претставен скоро една недела пред iPhone 8.

Исто така, тој ќе почне да се испорачува на корисниците на почетокот од септември, што е многу порано од својот главен конкурент, за кој веројатно ќе треба да се почекаат неколку месеци пред да може да се купи во продавниците.

Од она што го знаеме пак за Galaxy Note 8, кога ќе биде претставен тој скоро сигурно ќе биде најдобриот смартфон на пазарот. Ќе има Infinity дисплеј со многу мала рамка горе и долу и големина од 6,3 инчи, Exynos 8895 или Snapdragon 835 процесори со 6 GB рам, двојна камера во задниот дел, веројатно слична на онаа од Huawei, кај која едниот сензор е црно бел и батерија од прилично ограничени 3.300 mAh. Како и секој Note модел досега и овој ќе доаѓа со S Pen пенкалце за цртање и земање забелешки.

Сите овие моќни спецификации за жал нема да бидат евтини – се очекува цената во Европа да биде блиска до 1.100 евра, што е премногу дури и за смартфон со тие карактеристики. Сепак, со оглед на тоа што се очекува iPhone 8 да биде за 100-тина евра поскап, дали може Samsung да има победник? Само времето ќе покаже.

Извор: TechnoBuffalo, BGR, Business Insider

Фото: Techno Buffalo

Претходна статијаAtari ги откри првите фотографии од својата нова (ретро) конзола
Следна статијаWeekend Media Festival во Хрватска ја донесува Turo – водечка peer-to-peer апликација за споделување на возила