Финскиот гигант, кој до неодамна беше најголем производител на мобилни телефони на планетава, конечно ќе се врати на сцената со нови Android паметни телефони. За развојот и производството сега ќе биде задолжена компанијата HMD Global, која ги има и правата правата за брендот Nokia и која планира лансирање на 6 или 7 нови смартфони годинава.

Оваа информација ја добивме благодарение на малезискиот дистрибутор Avaxx, кој во посебен слајд откри дека HMD Global планира да лансира Android смартфони годинава. До крајот на 2017 година, според слајдот ќе бидат лансирани смартфони од ниската, средната и високата класа, што значи дека уште во првата година од враќањето, Nokia ќе има смартфон за скоро секој корисник – и оние со поплиток и оние со подлабок џеб.

Смартфоните на Nokia ќе бидат лансирани со Android Nougat и првите верзии се надеваме дека ќе ги видиме на MWC саемот во Барселона. Еден од протечените уреди е D1C, кој има Full HD дисплеј и процесор од Snapdragon 600 серијата со 4 GB рам, што значи дека е уред од средната класа, додека TA-1000 пак е уред од ниската класа со Snapdragon 212 процесор.

Од Nokia телефоните би требало да очекуваме и прилично квалитетна и издржлива изработка, како и квалитетни камери. Многу Lumia смартфони со Windows Phone се уште се конкурентни со камерите и на најновите Android смартфони и iPhone-и, па логично е да се очекува експертизата за камерите да биде пренесена и во новите модели.

На слајдот интересно е објавено дека HMD Global планира да продолжи да ги развива и обичните мобилни телефони на Nokia, кои се уште се популарни во недоволно развиените земји и кај постарите купувачи.

Извор: GSM Arena, Nokia Power User, Phone Arena

Претходна статијаKingston претстави USB стик со капацитет од рекордни 2 TB
Следна статијаLucid Motors Alpha прототипот на CES 2017