Финскиот производител пред само неколку дена го претстави својот прв смартфон со Android, наречен Nokia 6, кој е интересен модел од средната класа со луксузна алуминиумска изработка, но наменет само за кинескиот пазар. Сепак, во видео поставено на Facebook, Nokia најави дека на 26 Февруари, што значи дека на саемот Mobile World Congress во Барселона, следуваат неколку нови модели, кои ќе бидат наменети и за другите пазари.

Nokia дури ги потсети читателите на постот да го зачуваат датумот, што значи дека сигурно имаат интересни модели за претставување. Моја претпоставка е дека тука ќе ги прикажат „знаменосците“, односно моделите од високата класа, кои би можеле да донесат неколку иновации, како и неколку други модели со солидни спецификации и ниска цена.

За развој и производството на телефоните ќе биде задолжена компанијата HMD Global, која е исто така од Финска и во која има вработени кои претходно имаат работено на паметните телефони на Nokia. Ова дава надеж дека смартфоните ќе имаат неколку карактеристични елементи по кои ќе се разликуваат од сите останати на пазарот, како на пример квалитетна камера и квалитетна, издржлива изработка.

Сепак, за вистински импакт на пазарот, на HMD Global ќе му треба нешто што навистина ќе ги издвои новите смартфони – “Nokia” брендот веќе не гарантира инстант успех, туку само новитетите и иновациите гарантираат.

Како и да е, се за новите смартфони на Nokia сигурно ќе дознаеме веќе другиот месец, а многу веројатно и порано преку протечени информации. Ние секако ќе бидеме редовно во тек со настаните, како и досега.

Извор: The Next Web, Pocket-lint, ZDNet

Претходна статијаВодено ладење на лапотоп – Asus ROG GX800
Следна статијаПротечени фотографии и информации за Huawei P10