Nokia 8 е уред од високата класа кој е прилично добро примен кај купувачите, но според нови информации, тој нема да биде знаменосецот на финско-кинескиот бренд. Напротив, тие спремаат уште подобар смартфон, кој ќе го следи трендот на дисплеј со многу мала рамка и уште понапреден и помодерен дизајн.

Рендерите од OnLeaks кои ги гледате тука, се направени врз база на CAD шеми од производителот, на кои ги има сите точни димензии. Поради тоа, доколку се навистина направени врз база на информации од HMD Global, овој дизајн може да се земе и како точен, со можност за мали измени.

На самите фотографии може да се види дека телефонот ќе биде тесен и издолжен, како што е трендот во 2017 година, со целосна изработка од стакло и алуминиум и заоблен дисплеј на страните. Нормално, во задниот дел е ставена веќе неизбежната двојна камера, која скоро сигурно повторно ќе има Carl Zeiss оптика, а финишот е ист како кај Nokia 8. На сликите може да се види и дека телефонот нема да има 3,5 mm излез за слушалки, што и не е најпозитивна вест.

Спецификациите ќе бидат скоро исти како кај Nokia 8 – процесорот ќе биде Snapdragon 835, помогнат од 4 GB рам и 64 GB простор, додека дисплејот ќе брои 5,5 инчи и ќе има висока Quad HD резолуција. Димензиите, според протечените информации од HMD Global ќе бидат 140.9 x 72.9 x 7.5mm, што значи дека ќе се работи за прилично компактен телефон.

Засега нема информации за тоа кога би бил лансиран овој телефон, но доколку HMD Global сака да остави печат на пазарот, тоа би требало да се случи оваа година, бидејќи конкуренцијата од март 2018 ќе претстави смартфон од новата генерација, со нови, подобри чипови во внатрешноста.

Извор: Android Central, NDTV, GSMArena

Претходна статијаКако веднаш да ја инсталирате Fall Creators надградбата за Windows 10 ?
Следна статијаМакпетрол продолжува да инвестира во сопствени и нови капацитети, отворена 127-та бензинска станица