HMD Global, компанијата која стои зад развојот и производството на новите Nokia смартфони со Android, враќањето на големиот бренд на пазарот го одбележи со нивниот најпознат мобилен телефон во историјата, легендарниот 3310. Новиот модел дефинитивно потсетува на својот претходник, но се работи за телефон кој е нормално многу понапреден и има повеќе можности.

Секако, има многумина кои ќе речат дека HMD Global требаше само да го врати стариот телефон на производната линија, без никакви промени. Сепак, во денешно време таков телефон е скоро неупотреблив и за многу купувачи огромна добивка е да можат да гледаат слики на својот смартфон и да слушаат музика.

Да, новата 3310-ка е опремена со 2,4 инчен колор дисплеј, на кој не само што ќе може да гледате слики, туку ќе може и да сурфате на интернет. Недостатокот е што брзината е само 2G, што значи дека треба да се откажете од големи сајтови, но опцијата сепак ја има. И да, ја има и играта “Snake”, но во боја, со подобра графика и со нови можности.

Исто така, на оваа 3310-ка ќе може да ја слушате и вашата омилена музика. Секако,се додека ставите micro SD картичка, бидејќи телефонот има само 16 MB инсталирана меморија. Можеби многумина од вас не го знаат тоа, но во времето на Nokia 3310, слушањето музика беше резервирано за DiscMan подвижните CD плеери.

На новата 3310-ка има дури и камера во задниот дел, која има само 2 мегапиксели и не би ја препорачал за посериозно фотографирање. Батеријата пак има 1200 mAh и Nokia вели дека ќе трае 31 ден доколку не го чепкате телефонот, односно 22 часа при зборување. Јас би рекол дека сигурно нема да треба да ја полните неколку дена, бидејќи нема и што многу да се прави на овој телефон. Освен ако не се заборавите со бркање највисок скор на “Snake”.

Иако не може уште отсега да се каже, може да се очекува дека новата 3310-ка ќе биде отпорна на удари и паѓање, но веројатно не како нејзиниот претходник. Како и да е, очекувам набрзо стотици видеа на YouTube кои ќе се обидат да ни го одговорат тоа прашање.

Цената на 3310 во Европа ќе изнесува 49 евра, што го прави овој телефон достапен за голем дел на купувачи. Чувствувам дека многумина ќе го купат само поради носталгијата за стариот модел, иако веќе имаат смартфон. Навистина, кој би одолеал на можноста да се прошета со 3310-ка некоја петочна или саботна вечер? Искрено и јас едвај чекам на овој телефон. Очекувајте да го има кај нашите оператори многу наскоро.

Извор: The Verge, ARS Technica, BBC

Претходна статијаМагнетите како совршена замена за лепенките од нашите ранци
Следна статијаG6 е смартфон кој го враќа LG на сцената