HMD Global, компанијата која ги има правата за брендот Nokia, на саемот Mobile World Congress во Барселона најверојатно ќе претстави освежена верзија на еден од најпопуларните мобилни телефони на сите времиња, Nokia 3310.

Засега нема информација дали ова ќе биде истиот телефон каков што беше пред 15-тина години, но лично очекувам да има неколку нови карактеристики, како на пример дисплеј во боја. Нормално, не очекувајте тој да биде смартфон, но може да се очекува дека ќе биде нескршлив да има уште подолго траење на батеријата од порано, поради напредокот во технологијата на батериите.

Според тоа, тој ќе биде рекламиран како втор телефон доколку ви се потроши батеријата на првиот, иако во моите соништа овој мобилен телефон има барем GPS и може да се користи како уред со кој ќе може да ги мерите вашите фитнес активности. Навистина, наместо да носите смартфон кој сигурно би се искршил кога ќе падне, Nokia 3310 би била извонредно решение.

Како и да е, цената на телефонот ќе биде 59 евра во Европа, па за очекување е дека многу корисници ќе се одлучат да го купат, најмногу заради кул ефектот кој тој ќе го има на околината. Nokia 3310 сепак може да се купи и сега на онлајн продавниците, најчесто како “refurbished” верзија за исклучително ниски цени. За оние кои пак сакаат Nokia, но сакаат смартфон, HMD Global ќе претстави два нови такви уреди на MWC.

Nokia 3 и Nokia 5 ќе бидат паметни телефони од средната класа со Android, сместени под Nokia 6, кој беше претставен во Кина неодамна. За Nokia 5 ги знаеме и скоро сите информации и тие велат дека ќе има 5,2 инчен дисплеј со HD резолуција, Snapdragon 430 процесор, 2 GB рам и камера со 12 мегапиксели. Замислете го како поевтина и помала верзија на Nokia 6. Овој модел ќе доаѓа со вграден Android Nougat 7.0 и ќе чини 199 евра.

Извор: The Verge, Independent, Express

Претходна статијаLG го најавува G6 како доверлив смартфон
Следна статијаChime е нов сервис за видео конференции на Amazon