nitro_18

Прво, да пресечеме – не се работи за телефон – Nitro Duo е своевиден мини компјутер, со 5 инчен дисплеј и два оперативни системи кои доаѓаат вградени во него, а за кои има целосно различни интерни компоненти – за едниот Intel, а за другиот ARM чип.

Идејата е едноставна – целосната верзија на Windows 10 работи само со Intel чипови, поради постарите програми, додека апликациите за Android, дури и некои од популарните, не поддржуваат такви чипови па затоа ARM архитектурата е секогаш подобриот избор.

Така, за Windows 10 тука има наменето 64 битен Intel Atom Z3745 чип со четири јадра, 4 GB рам меморија и дури 256 GB простор за складирање податоци, додека за погонување на Android оперативниот систем наменет е i.MX6 Quad ARM-Cortex A9 чип со 2 GB рам меморија и SD картичка од 8 GB капацитет.

nitro_01

Благодарение на тоа што секој оперативен систем има посебни компоненти задолжени за него, префрлањето од едниот на другиот е инстантно – нема потреба за рестартирање на уредот.

При префрлањето, едниот оперативен систем секогаш се става во “Sleep” мод, односно исто како само да сте го заклучиле уредот, што значи дека може да ви пристигнуваат и известувања. Исто така, доколку имате приклучено тастатура или маус, тие ќе работат на оперативниот систем што е во тој момент на екранот, односно нема да го „разбудите“ другиот.

Единствен недостаток, барем на првиот прототип е прилично слабиот дисплеј со големина од 5 инчи и резолуција од 800х480 пиксели, но од Nitro ветуваат дека сериската верзија ќе има подобар дисплеј.

nitro_05

За Nitro Duo ќе биде развиен и специјален држач, кој може да се користи уредот да биде приклучен на поголем дисплеј со сите придружни приклучоци, како USB и Ethernet порта и да биде користен како вистински компјутер, што е веројатно единственото сценарио каде би бил корисен.

Во моментов, прототипот работи со Windows 7 и Android 4.4 KitKat, но од Nitro работат на нова драјверска поддршка, па во серискиот модел може да се очекуваат и понови верзии на двата системи. Поради природата на Intel чипот, на овој уред може да се инсталира и Ubuntu.

Цената на Nitro Duo би требал да изнесува околу 799 долари, но нема дефинитивни информации за тоа кога ќе биде лансиран.

Извор: Geek, Liliputing, Geeky Gadgets

Претходна статијаSamsung спрема нов фитнес тракер со интересен кружен дизајн
Следна статијаIntel Skylake процесорите ќе имаат поддршка на Windows 7 и 8.1 уште само 18 месеци