Screenshot-2016-04-22-12.02.27-800x557

На пазарот веќе видовме неколку различни модели на паметни телефони кои ветуваат дека се супер безбедни и исклучително тешки да се пробијат, но овој кој денес ќе ви го претставиме е најбезбедниот досега – неговите создатели ветуваат дека никој нема да може да го пробие.

Sirin Labs е Британско –  Израелска стартап компанија, која најави дека најбезбедниот телефон наречен Solarin ќе го лансира на 17 мај по цена од 20.000 долари. Се чини како премногу? За тие пари ветуваат дека корисникот ќе добие максимална заштита, односно иста како што имаат воените компјутери. Во превод, шансите да се пробие Solarin паметниот телефон е скоро невозможна.

Solarin инаку ќе има вграден Android оперативен систем, но надополнет со многу нови технологии за заштита на податоците, кои според Sirin Labs ќе бидат актуелни во паметните уреди дури за неколку години, односно со овој смартфон корисникот добива ексклузивна технологија.

Најбезбедниот паметен телефон ќе почне да се продава во Британија на 17 мај, во посебна продавница и секако ќе биде наменет за оние со многу длабок џеб. Како на пример познати личности кои не сакаат нивните приватни фотографии (кхм, голи селфија) да излезат во јавноста…

Компанијата е инаку финансирана од приватни инвеститори и досега има собрано 72 милиони долари, што е веројатно доволно за почеток на ваков проект. Интересна е и приказната зошто основачите воопшто се одлучиле да развијат ваков смартфон. Имено, еден од основачите, Кенгес Ракишев имал проблем во 2013 со пробивање на неговиот паметен телефон и крадење на неговите лични податоци, што го натерало да размислува за уред кој нема да може да се пробие.

Извор: PCMag, Venture Beat, BGR

Претходна статијаOpera Mini и Opera за десктоп со вградено блокирање на реклами
Следна статијаXiaomi Mi Bunny е паметен часовник за деца кој може да се користи и како телефон