Moto го лансираше својот нов натпреварувач во средната класа, кој има неколку главни карактеристики кои го одделуваат од конкурентите, кои можат да се пофалат само со чисти спецификации. Така, Moto Z2 Play е повторно модуларен и овој пат може да се поврзе со многу повеќе додатоци, а има и прилично солидни спецификации.

Единствена работа која не е претерано променета е дизајнот, што беше и очекувано, бидејќи овој модел мора да биде компатибилен со сите модуларни додатоци од претходно. Покрај нив, Moto претстави и џојстик за полесно играње на телефонот, нов JBL SoundBoost 2 звучник, Turbo PowerPlus додатна батерија и Style Shells од најразлични материјали кои имаат и безжично полнење.

Moto Z2 Play во внатрешноста ќе биде опремен со прилично застарениот Snapdragon 625 чип (помогнат од 4 GB рам и 32/64 GB простор со слот за micro SD), кој можеби нема „коњски сили“ колку што имаат поновите чипови, но важи за исклучително штедлив. Исто така, Moto Z2 Play доаѓа со прилично чиста верзија на Android, која треба да овозможи помазна работа.

На сето ова секако мора да се додаде дислејот, кој има големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција и кој дополнително би можел да помогне во забрзувањето на анимациите. Камерите се солидни на хартија – задната има 12 мегапиксели и брза f/1.7 бленда, додека предната има 5 мегапиксели, а нормално напред има и читач за отпечатоци на прстите, исто како кај претходникот.

За напојување на сите овие компоненти ќе се погрижи батерија од 3.000 mAh, која би требало да издржи повеќе од еден ден, особено со оглед на штедливиот чип. А најимпресивното од се е што оваа батерија е вградена во тело со дебелина од само 5,9 mm, што го прави овој телефон еден од најтенките на пазарот. Браво Moto!

Сите овие функционалности дефинитивно го прават Moto Z2 Play посебен модел во класата, кој сигурно ќе има следбенци, но и овој пат голема пречка ќе биде цената, која во САД ќе изнесува дури 499 долари. За тие пари лесно може да се купи смартфон со спецификации од високата класа, како на пример OnePlus 3T, но од друга страна ниту еден телефон од конкурентите не е модуларен.

Извор: T3, TechnoBuffalo, PhoneDog

Претходна статијаSamsung Notebook 9 Pro е „2 во 1“ лаптоп со S Pen дигитално пенкалце
Следна статијаНови протечени фотографии од iPhone 8 покажуваат читач за отпечатоци во задниот дел