nokia-x2

Можноста Nokia да претстави телефон кој што работи на Android беше нешто што се најавуваше подолго време, за потоа да се стави под знак прашалник поради купувањето на компанијата од страна на Microsoft. Меѓутоа од компанијата сепак одлучија да претстават Android телефон, а исто така на изненадување на голем број луѓе, Microsoft ја претстави и втората генерација на Nokia X уредите кои што работат на Android. Со претставувањето на втора генерација од Nokia X серијата, која што беше претставена по официјалното станување на Nokia како дел од Microsoft, се мислеше дека од компанијата ќе продолжат со ваквите телефони и во иднина.

Меѓутоа вчера, при објавувањето на информацијата дека од компанијата планираат да го направат до сега најголемото нивно намалување на вработени од дури 18.000 во наредните година дена, дојде и информацијата дека Microsoft веќе не планира да прави Android телефони. Оваа информација може да се најде во email пораката која што ја испрати Satya Nadella до вработените, меѓутоа исто така и од Stephen Elop преку порака до која што имаат дојдено некои од странските портали.

Од пораките може да се види дека од компанијата веќе нема да прават Android уреди и нивниот приоритет ќе биде насочен целосно кон развојот на нивната Windows Phone платформа, како и нивните други сервиси. Некои од наредните планирани Nokia X телефони ќе работат на Windows Phone, а исто така од компанијата го прекинуваат и развојот на моделите од Nokia кои што работат на Symbian.

Исто така Microsoft планира да го продаде сервисот Mix Radio развиен од страна на Nokia на трети заинтересирани страни. Иако нема повеќе информации се верува дека веќе има заинтересирани компании и со нив се преговара.

Извор: The Verge, Cnet

Претходна статијаGoogle ќе го реши проблемот во Chrome кој што предизвикува поголемо трошење на батеријата
Следна статијаgoTenna: Испраќајте пораки без потреба од мобилен сигнал
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.