Кога Microsoft го претстави Windows 8 оперативниот систем, односно подоцна и нивниот таблет компјутер Surface, се виде дека Windows 8 кој што треба да биде хибриден оперативен систем, нема баш така да функционира.

На таблет компјутерите, односно уредите кои што работат со некој од ARM процесорите, достапна беше посебна RT верзија од Windows 8 која што може да се каже дека беше голема грешка на Microsoft и придонесе за лошата прифатеност на тогаш новиот оперативен систем.

Windows 8 RT функционираше во главно во модерната околина со апликациите достапни за корисниците со уред со екран на допир. Десктоп околината наместо да биде целосно исклучена, беше достапна меѓутоа можеше да се користи само за неколку веќе инсталирани програми како Microsoft Office и слично, а корисниците не можеа да ги инсталираат другите програми достапни за стандардните верзии од Windows.

Овој начин на поделба на оперативниот систем предизвика збунетост кај корисниците. Оперативниот систем кој што требаше да ги популаризира хибридните уреди, направи тие да бидат поделени и никој од нив да не може да го добие она за кое што е наменет.

Со претставувањето на Windows 10, се гледа дека овој пат Microsoft оди во вистински правец, па овој оперативен систем ќе биде еден и ќе работи на сите достапни уреди. Нема да постои посебна верзија која што ќе биде наменета за одредени уреди која што нема да вклучува одредени функции.

Со оглед на слабата популарност на уредите кои што работеа на Windows 8 RT, а во главно Surface 2, Microsoft реши да го прекине производството на овој уред. Корисниците ќе можат да го купат доколку сакаат до потрошување на залихите, меѓутоа тоа сигурно би биле малку од нив.

Со престанување на производството на овој уред, може слободно да се каже дека доаѓа и крајот на Windows 8 RT верзијата која што не беше прифатена од производителите на компјутери кои што обично се решаваа за целосната верзија од оперативниот систем. Тоа посебно стана случај по намалувањето на цената на Windows, како и понуда на бесплатна верзија со Bing како главен пребарувач.

Извор: Windows Central

Претходна статијаBluewire: Hands-Free слушалки кои го снимаат секој телефонски разговор
Следна статијаОткриена е планета со прстени 200 пати поголеми од тие на Сатурн
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.