Последниве неколку години, Meizu не е меѓу кинеските производители за кои слушаме многу често, но тоа не значи дека имаат лоша понуда на смартфони. Напротив, тие нудат одлични телефони за прилично ниски цени, а најновиот Meizu 5c би можел да биде вистинскиот избор за оние со многу плиток џеб, иако производителот се’ уште не ја најави цената.

Meizu 5c е 5 инчен смартфон со резолуција од само 1280х720 пиксели, вграден во пластично тело кое доаѓа во многу бои и кое најавува дека производителот го насочува пред се кон младата публика.

Во внатрешноста е вграден просечен процесор со четири јадра на 1,3 GHz, кој е помогнат од просечни 2 GB рам меморија и просечни 16 GB простор. За среќа, има простор за micro SD картичка, како и слот за две SIM картички (само еден SIM може да се користи доколку има micro SD).

Камерите, барем на хартија, исто така го носат епитетот „просечни“. Задната има 8 мегапиксели и f/2.0 бленда, додека предната има 5 мегапиксели.

Meizu 5c поддржува 4G мрежи, што значи дека барем ќе има брз интернет, а има и солидна батерија од 3.000 mAh, која со оглед на слабите компоненти, би требала да издржи прилично долго со едно полнење.

Телефонот ќе доаѓа со вграден Flyme 6 OS, кој е верзија на Meizu на Android која користи технологија со „вештачка интелигенција“, за да ги забрза перформансите на телефонот.

Засега не ни е позната само цената на овој смартфон, но очекувајте да биде многу ниска, скоро сигурно под 10.000 денари доколку дојде кај нас, нешто што е многу веројатно да се случи, бидејќи ќе биде достапен во поголемиот број на земји во Европа.

Извор: GSMArena, Android Authority, NDTV

Претходна статијаФајловите за преводи го отвораат уредот на хакерски напади
Следна статијаGoogle Photos воведе Archive функција за да ги сокриете сликите од главната страна