Доколку сакате смартфон кој ќе го издржи секое паѓање на подот, секое нуркање во вода или пак смартфон кој ќе издржи многу високи и многу ниски температури, нема премногу избор на пазарот. Затоа, во пресрет излегува LG, кој ја збогатува X понудата на смартфони со нов модел, кој донесува исклучително висока издржливост, но само просечни перформанси.

Сепак, неговата намена не е да биде најбрзиот телефон на пазарот, туку да биде телефон кој ќе биде корисен за оние кои се зависни од дивината. Имено, тој може да го мери притисокот на воздухот, надморската височина, броење на чекорите заедно со калориите, компас и информација за временската прогноза. Апликацијата која ги прикажува овие информации (Outdoor Essentials) може да се лансира со притискање на посебно хардверско копче, со цел да му биде полесно достапна на корисникот.

Истото копче со двоен клик може да се користи и за лансирање на Glove Mode (користење на дисплејот на допир со ракавици) и долго притискање на отворање на подесувањата. Телефонот има и издржливост на длабочина од 1,5 метри под вода (IP68), како и воена MIL-STD 810G спецификација, која му овозможува користење при екстремни температури и отпорност на паѓања и шокови.

Процесорот кој е вграден во внатрешноста инаку е Snapdragon 435 помогнат од 2 GB рам меморија и 32 GB вграден простор со простор за micro SD слот. Дисплејот има големина од 5,2 инчи и многу солидна Full HD резолуција, а одлична вест е големината на батеријата од 4.100 mAh, која со оглед на штедливиот процесор, сигурно би издржила два дена користење.

Бонус на сето ова е и новата Nougat 7.0 верзија на Android. Камерите, барем на хартија, делуваат многу импресивно. Задната има 16 мегапиксели, додека предната има 5 мегапиксели и супер широка леќа која опфаќа 120 степени, што е одлична вест за селфи ентузијастите.

LG X Venture ќе биде достапен на сите поголеми пазари во светот во наредниве неколку недели, со надеж дека ќе биде достапен и кај нас. Цената се’ уште не е позната, но очекувам да е прилично достапна со оглед на спецификациите.

Извор: GSMArena, Android Authority, The Verge

Претходна статијаApple се обидува да ги мотивира Android корисниците да купат iPhone
Следна статијаSamsung ќе прикаже дисплеј кој може да се тегне и витка