LG G6 беше прилично популарен кога беше лансиран, но тоа траеше само околу една недела до лансирањето на Galaxy S8 дуото. Голема причина за ова е импресивниот дизајн на смартфоните на Samsung, но и на тоа што G6 беше различно опремен зависно од пазарите – некаде имаше безжично полнење, но немаше помоќен аудио засилувач и обратно. Сега, моделот G6+ ги исправа сите овие работи и доаѓа целосно опремен независно од тоа каде ќе го купите.

Поточно, покрај тоа што тој сега има 128 GB простор, што е двојно повеќе од претходникот, тој има и Qi бежично полнење (кое беше достапно само во моделот во Јужна Кореја), како и моќен аудио засилувач со Bang&Olufsen слушалки кои доаѓаат во пакувањето. Тој исто така ќе биде понуден во нови бои – Optical Marine Blue, Optical Terra Gold и Optical Black.Да потсетиме, LG G6+ е опремен со малку застарениот Snapdragon 821 процесор и 4 GB рам меморија, кои не се исправени во овој “+” модел.

Со овој модел LG лансира и нова софтверска надградба, која ќе ја добијат и актуелните корисници на G6, а која вклучува “Low Power Consumption” мод за помало трошење на батеријата, можност за логирање со лицето и интересно, предупредување доколку со некој прст ја покривате камерата кога сликате.

Цената на LG G6+ сѐ уште не е најавена, но лично не очекувам да биде повисока од таа на актуелниот модел, особено ако LG сака да остане колку толку конкурентен на Galaxy S8 дуото и на големиот број на смартфони од високата класа кои ќе бидат лансирани наредните неколку месеци.

Извор: GSMArena, The Next Web, Engadget

Претходна статијаНовата сезона на серијата на „50 Сент“ е меѓу најочекуваните годинава
Следна статијаAV-TEST.ORG – најдобрите антивирус апликации за Android