max2-a copy

Паметните телефони дефинитивно ги стигнаа лаптопите во количината на рам меморијата – LeEco наскоро (29 јуни) ќе лансира телефон со масивни 8 GB рам меморија. Но, дали е тоа навистина потребно? Најверојатно не, но е сигурно направено со цел да привлече што поголем број на купувачи.

Проблемот кај Android, а споредено со десктоп оперативен систем е што тој не го искористува целосно рамот. Поточно, производителите, како на пример OnePlus кај најновиот модел „3“, се одлучуваат телефонот да не ја користи целата количина на рам меморија зошто тоа би го намалило траењето на батеријата. Држењето на апликации во рам, значи дека тие ќе работат во позадина и дека ќе ја трошат батеријата. Windows и Mac OS на пример целосно ја искористуваат својата рам меморија.

Затоа, дали навистина треба да бидеме возбудени за новиот LeMax 2 Pro? Дури и LeEco да одлучи да ги искористи сите 8 GB рам меморија, во што искрено се сомневам, разликите во перформансите нема да бидат огромни. Денес дури и телефоните со 4 GB рам се доволни за да задржат десетина апликации во меморијата – повеќе отколку што секојдневно користи просечниот корисник. Исто така, апликациите кои се достапни на Android и така не се направени да користат многу рам меморија, па реална потреба од 8 GB рам и нема, барем засега.

А дека LeEco дефинитивно сака да се натпреварува во делот на спецификациите, кажува и задната камера од 25 мегапиксели (предна со 8 мегапиксели), која како што верувам сите научивте досега, не мора да значи дека ќе извади подобри фотографии од камерата со 12 мегапиксели на Samsung Galaxy S7. И тука, повторно се сомневам во тоа.

LeMax 2 Pro ќе има и Snapdragon 821 процесор, што е верзија на 820-ката која работи на малку повисок работен такт (2,3 GHz наспроти 2,15 GHz) и масивни 128 GB вграден простор, што е работа која веројатно сите би ја дочекале со отворени раце. Дисплејот пак има големина од 5,7 инчи и Quad HD резолуција од 2560х1440 пиксели.

Телефонот ќе биде целосно изработен од алуминиум, што само ги заокружува импресивните спецификации. Секако, бидејќи се работи за кинески телефон, очекувајте и пониска цена од таа на конкуренцијата, но исто така и не очекувајте дека ќе може да го купите кај нас.

Извор: TechRadar, PhoneArena

Претходна статијаXiaomi Mi QiCycle е електричен велосипед на склопување
Следна статијаHuawei развива сопствен оперативен систем, но сепак работи на подобра верзија на MIUI