Многу фанови на Apple веќе забележаа дека Galaxy S8 не е доволно голема надградба. Но, пред фактите и боговите молчат, а ние тука ќе ги извадиме сите факти кои велат дека Galaxy S8 е подобар смартфон од Galaxy S7.

Бидејќи тоа е главна карактеристика на новиот модел, ќе почнеме со дизајнот. Galaxy S7, обичниот модел без Edge дисплеј, имаше 5,1 инчен Quad HD Super AMOLED екран и прилично мала рамка околу него. Новиот модел пак има 5,8 инчен екран, со повисока Quad HD+ резолуција (2960х1440 пиксели), HDR поддршка и различен сооднос на страните од 18,5:9. Ова го прави лесен за држење со една рака и покрај драматично зголемениот дисплеј.

Потоа, новиот модел уште во старт доаѓа со заоблен дисплеј на страните. И не само тоа, заобленоста сега е толку добро изведена што се чини како дисплејот буквално да се претопува во околината. Ова, заедно со екстремно малата рамка во горниот и долниот дел, како и заоблените агли на екранот, придонесува за една целина на која никој нема да остане рамнодушен.

Новиот модел конечно нема хардверско “Home” копче и целосно се потпира на софтверските копчиња во Android. Сепак, Samsung во Galaxy S8 вгради осетливост на притисок на виртуелното “Home” копче, кое реагира исто како да сте притиснале хардверско копче. Од друга страна, читачот за отпечатоци на прстите е вграден назад, до камерата, што се чини е исклучително лошо и недостапно место, нешто што веќе го докажаа оние кои имаа можност да го стават овој смартфон во својата рака. Камерата пак за среќа не е веќе испакната, што значи дека смартфонот нема да се мрда кога ќе го легнете на рамна површина.

Нормално, Galaxy S8 има помоќни чипови во внатрешноста. Зависно од пазарот, се нудат модели со Snapdragon 835 или Exynos 8895 чипови, наспроти Snapdragon 820 и Exynos 8890 кај постариот модел. Новите процесори се целосно изработени со транзистори од 10 nm и се први такви во светот, што значи дека може да се очекува голем скок во перформансите и економичноста. Рам меморијата остана на 4 GB, што е веројатно и повеќе од доволно, додека новиот модел има 64 GB простор за податоци, наспроти 32 GB простор претходно.

Новите чипови се придружени и од нов Android, во овој случај Nougat 7.0, но оваа верзија е веќе достапна и за Galaxy S7, па ако само тоа е причина да го надградите својот смартфон, тогаш нема потреба да го направите тоа. Како и досега и двата модели имаат Samsun Experience скин.

На хартија, камерата назад не доживеа големи промени – и натаму се работи за сензор со 12 мегапиксели и леќа со f/1.7 бленда. Сепак, има најави дека сензорот е од Sony и е целосно нов и може да се очекува S8-ката да вади подобри фотографии. Всушност, дури и да не е сензорот нов, новите процесори и нови алгоритми за преработка на фотографиите сигурно ќе придонесат за повисок квалитет. Добра вест за селфи фотографите се подобрената предна камера, која има 8 наспроти 5 мегапиксели, вграден автофокус и брза f/1.7 бленда.

Единствениот податок кој засега загрижува е големината на батеријата кај Galaxy S8, која има ист капацитет од 3.000 mAh како и S7. Зошто загрижува ова? Затоа што новиот модел има 0,7 инчи поголем дисплеј, а како што сите знаеме, дисплејот е најголем потрошувач на енергија. Сигурен сум дека чиповите со транзистори од 10 nm ќе трошат помалку енергија, но дали тоа ќе биде доволно за да се задржи траењето на батеријата од Galaxy S7 останува да видиме.

Сите овие погоре нафрлени податоци и споредби, не доведуваат до прашањето – дали треба корисниците на Galaxy S7 да ги надградат своите уреди на Galaxy S8? Тоа е прашање на кое може да одговорат само корисниците, но според се што Samsung успеа да направи со новиот модел, се работи за прилично голема надградба, која вистински може да го подобри целосното смартфон искуство, особено што почетната цена е иста како кога беше лансиран S7 (750 долари во САД)

Извор: Tech Radar, News18, Phone Arena

Фото: Tech Radar, Phone Arena

Претходна статијаВо Австралија ќе се гради најголемата соларна фарма во светот
Следна статијаCorsair One тивка конфигурација со минијатурна големина