Apple последните години го задржуваат проверениот изглед на нивниот најдобар и најпродаван производ, iPhone. Уште од iPhone 6 и 6 Plus моделите немаме видено драстичен редизајн на смартфоните на Apple.

На неполна година до лансирањето на iPhone 8 се појавија голем број на информации и шпекулации за тоа како би изгледал најновиот модел. Според тоа што можеме да прочитаме на интернет од најразлични блогери и твитерџии, можеме да заклучиме дека новиот iPhone ќе биде одличен.

2017-та е јубилејна година за Apple кога е во прашање iPhone, бидејќи во 2007-ма Steve Jobs за прв пат го претстави и сите беа изненадени и импресионирани. 10 години откако првиот iPhone беше претставен на светот, па Apple сакаат тоа да го одбележат на најспектакуларен можен начин.

Некако во последните години како да спласна инвентивноста на Apple, па и возбудата кај корисниците кога е во прашање претставувањето на новите модели. Во 2017-та очекувам повторно да видиме некои нови, инвентивни и возбудливи новости од компанијата од Купертино.

Иако неофицијално се тестираат 10 различни модели, се очекува да бидат претставени 3 различни модели на iPhone, од кој едниот ќе биде со заоблен OLED екран и тој ќе биде претставен како Premium модел, па најверојатно и цената ќе биде Premium. Ќе биде вграден до сега најмоќниот и најбрзиот А11 процесор со дополнителниот M11 ко-процесор кој служи за следење на податоците од вградените акцелерометар, жироскоп и компас и на тој начин се намалува потрошувачката на батеријата и се ослободува главниот процесор за побитни операции.

Jony Ive веќе подолго време сака да претстави iPhone што ќе изгледа како едно парче стакло и најверојатно оваа 2017-та година ќе се исполни неговата желба. Целиот телефон ќе биде едно парче стакло со вградена камера и Touch ID и нема да има Home Button. Се надевам дека недостатокот на Home Button Apple добро ќе го изведат. Доколку целото куќиште биде изработено од стакло, тогаш можеме да очекуваме и безжично полнење на новиот iPhone 8. Најверојатно заоблениот пластичен OLED екран ќе биде со дополнителни функции на рабовите, нешто слично како Touch Bar-от кај новите MacBook компјутери.

Со новиот процесор и вградената камера се шпекулира дека е можно да се воведе и распознавање на лице или на зеница.

Се очекува два модели да останат со истите димензии како претходните. Едниот да биде со 4.7” и другиот со 5.5”. Но, за третиот модел се шпекулира дека ќе биде со 5.8” поради заоблениот OLED екран и функциите на допир кои ќе бидат на рабовите. Покрај досега познатите бои, се шпекулира дека ќе биде претставена и нова црвена боја.

Без двоумење, Apple во 2017-та ќе претстави смартфон кој повторно ќе изненади, бидејќи и самите знаат дека тоа мора да се случи доколку сакаат да останат лидери на пазарот.

Претходна статијаУлица Македонија трансформирана во магично катче
Следна статијаBlade Runner 2049 ќе биде најскапото филмско продолжение досега