Желбите на корисниците за iPhone кој нема да има воопшто рамка околу дисплејот и една цела плејада на концепти и рендери кои покажуваа ваков телефон, можат да се покажат како кобни за успехот на iPhone 8, бидејќи финалниот уред најверојатно ќе има видлива рамка во горниот и долниот дел, односно нема да има рамка само отстрана.

Ова се нови информации од финансиската компанија JPMorgan, кои тврдат дека дизајнот на Apple iPhone 8 ќе биде многу сличен на Galaxy S8, со таа разлика што американскиот модел нема да има заоблен дисплеј на страните, туку едноставно ќе има многу мала рамка. Од друга страна, горниот и долниот дел ќе бидат видливи и можеби и малку поголеми од оние на новите S8-ки.

Иако ова не значи дека iPhone 8 нема да биде импресивен телефон, најавата дека очекувањата на корисниците нема да се исполнат, може да биде кобна за успехот кој Apple го очекува од својот нов знаменосец. Дополнителен удар тука може да има и самото тоа што овој модел ќе биде лансиран подоцна од iPhone 7S и 7S Plus, кои ќе бидат само освежени модели. Тогаш, би можело да се случи да не се продаваат тие два модели, бидејќи корисниците ќе чекаат 8-ката да пристигне во продавниците.

Кога сме кај iPhone 7S и 7S Plus, тие се очекува да ги задржат истите пропорции, но да имаат заден дел од стакло, кој ќе овозможи безжично полнење. Всушност, ова ќе биде една од поголемите разлики во однос на актуелните модели. Сите три нови iPhone модели треба да бидат претставени во септември оваа година.

Извор: Forbes, 9 to 5 Mac, BGR

Претходна статијаКорисниците трошат време на мобилни апликации повеќе од било кога досега
Следна статијаWaze ви овозможува да го снимите вашиот глас за користење при навигација