Најуспешниот смартфон на сите времиња последниве неколку години се соочува со жестока конкуренција од Android светот кај паметните телефони и Windows светот кај таблетите и „2 во 1” уредите. И не само тоа – во многу аспекти, конкуренцијата веќе го престигна iPhone и во моментов новитетите и иновативните решенија и не се баш одлика на iPhone.

Тоа сепак би требало да се смени со iPhone 8. Една од функциите која конечно ќе ја има смартфонот на Apple е отклучување со препознавање на лицето односно очите на корисникот. За многумина ова и не е потребно, бидејќи читачите за отпечатоци се брзи и лесни за користење, но препознавањето на лицето и очите е добро за двојна проверка, на пример при плаќање. За оваа технологија во новиот iPhone ќе биде задолжена компанијата Prime Sense, која Apple ја купи пред неколку години. Има и најави дека системот за препознавање на лицето целосно ќе го замени “Touch ID”, но лично не верувам целосно во тоа.

Потоа, Apple најверојатно ќе вложи многу во изменетата реалност, каде Google и особено Microsoft се светлосни години напред со своите Project Tango и HoloLens. Затоа, новиот iPhone 8 би можел да има посебна камера која ќе може да го препознава 3D просторот и следствено на тоа да му овозможи на корисникот да поставува холограми во просторот кој би ги гледал на дисплејот на телефонот.

Кога сме кај дисплејот, се погласни се најавите дека iPhone 8 ќе доаѓа и во варијанта со 5,8 инчен OLED дисплеј, кој би можел да биде заоблен на страните, исто како “Edge” серијата на Samsung. Овој модел би имал и многу мала рамка околу дисплејот, па сите сензори, звучникот и камерата би биле вградени во него. Ќе биде интересно да се види како Apple ќе го изведе ова.

На крај, нешто што се најавува веќе неколку години, безжичното полнење, конечно ќе го има во 8-ката. Стандардот со кој ќе се полни iPhone сигурно нема да биде ист како на другите производители, а се најавува и безжично полнење на поголеми далечини, но тоа е помалку веројатно.

Извор: ZDNet, Yahoo, BGR

Претходна статијаВоз во Јужна Кореа ќе патува со брзина на звукот
Следна статијаКритична маса #57: 10 mcg/m3 е нашата цел