На почетокот на есента оваа година, Apple ќе го претстави веројатно најважниот iPhone во поново време, телефонот кој ќе има особено тешка задача против одличните Galaxy S8 и S8+. Според сите најави и информации кои ги имаме досега, iPhone 8 ќе биде импресивно парче техника, кое ако се верува на овие рендери, може да го „запали“ светот.

Како и секоја протечена информација и оваа треба да се земе со мала задршка, иако кинескиот блог ifanr, од каде е протечена, вели дека се базира на шеми од телефонот од фабриката Foxconn, каде се произведуваат сите iPhone-и. Јас би рекол дека е делумно точна, особено што веќе подолго време се зборува дека новиот iPhone нема воопшто да има рамка околу дисплејот.

3D моделите не само што покажуваат смартфон со минимална рамка околу дисплејот со дијагонала од 5,8 инчи (кхм, Galaxy S8, кхм), туку покажуваат и дека читачот за отпечатоци ќе биде вграден директно во дисплејот. Ова би било голем скок за смартфоните воопшто, особено што на големо се зборува дека Samsung не можел на време да вгради ваков читач во дисплејот на Galaxy S8, односно технологијата уште не е целосно спремна.

А како што знаеме, Apple и не брза особено многу кога се ваквите технологии во прашање, односно сака да се осигура дека таа вистински ќе работи. Секако, останува опцијата за вградување на читачот во задниот дел, како што направи Samsung, но лично не верувам дека Apple би го направил тоа.

Фотографиите сепак потврдуваат и една друга работа, а тоа е дека дисплејот нема да биде заоблен на краевите. Поточно, стаклото ќе има 2.5D закривеност, но такво стакло веќе имаат многу различни модели на паметни телефони, а имаат и актуелните iPhone модели. Идејата со ова стакло е подобро да се вклопува со страниците на телефонот.

Независно од тоа, доколку ваков iPhone биде навистина лансиран во септември, очекувајте купувачите со денови да чекаат пред продавниците на Apple. Изгледа навистина футуристички, како скоро ниту еден iPhone досега, а воедно и го носи логото на Apple. Рецепт за победа!

Извор: BGR, 9 to 5 Mac, WCCFTech

Претходна статијаMicrosoft работи на табови за File Explorer во Windows 10
Следна статијаInstagram воведува нов начин на зачувување на фотографиите