iphone-7-plus-silver

Сите аналитичари и дури и инвеститорите се сложуваат дека на Apple му недостасува иновација која ќе го издвои од конкуренцијата последниве неколку години. Да, Touch Bar на новите MacBook лаптопи е интересен додаток, но не е нешто вистински ново во тој сегмент, а новите iPhone-и, кои донесуваат повеќе од половина од профитот на Apple, делуваат само како освежување на старите iPhone 6S модели.

Сепак, сето ова би можело значително да се промени во наредната генерација на iPhone со нова технологија која ќе овозможи безжично полнење на телефонот. Зад оваа технологија стои компанијата Energous, која според информациите забрзано ја развива со цел таа да биде спремна за новиот iPhone 8. Идејата е да се стави еден полнач во собата и тој да може да го полни телефонот каде и да се наоѓа, односно до 4,5 метри оддалеченост, што е навистина импресивно.

Ова значи дека доколку има многу вакви станици поставени на местата каде што одите, телефонот секогаш ќе ви се полни, што може да го анулира проблемот со прилично краткото траење на батеријата на помалиот iPhone. Нормално, очекувам овие полначи да бидат многу скапи, барем на почеток, но тоа е барем технологија која ќе има вистинска примена.

Покрај можноста да безжично полнење оддалеку, новите iPhone-и ќе имаат и помоќен A11 процесор, а се очекува и голема промена во дизајнот. Конечно, iPhone ќе има помала рамка околу дисплејот и ќе биде исфрлено хардверското Home копче, а читачот за отпечатоци на прсти ќе биде ставен во самиот дисплеј, нешто што веројатно ќе го направат и неколку други производители наредната година.

Извор: Fox News, Forbes, BGR

Претходна статијаMoto M е нов модел од средната класа на Lenovo со прилично висока цена
Следна статијаЛампите се враќаат – наскоро од нив ќе се изработуваат супер брзи процесори?