Пред скоро три години, се најавуваше дека Microsoft на пазарот ќе лансира помал таблет од Surface серијата, кој требаше да биде поевтина верзија на Surface Pro 3, која веројатно требаше да биде конкурент на iPad Mini. Сепак, овој уред никогаш не пристигна на пазарот, за што веројатно има и неколку реални причини, но ние сега ги имаме фотографиите и податоците за него.

Се работи за 8 инчен таблет со дисплеј со сооднос на страните од 4:3 и просечна резолуција од 1440х1080 пиксели. Во внатрешноста е вграден Snapdragon 800 процесор, кој беше најмоќен ARM процесор во своето време, но помогнат од само 1 GB рам меморија и 32 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. Како и својот поголем брат и Surface Mini има целосна поддршка за Surface Pen дигиталното пенкалце. Всушност, неговата главна одлика и карактеристика би била дека на него може да фаќате брзи забелешки кога сте мобилни.

Надворешниот дизајн да бидеме искрено не е особено допадлив – куќиштето е прилично дебело и има многу голема рамка околу дисплејот, а е изработено од мека гума. Од Microsoft велат дека ова било направено за поголема издржливост и поудобно држење на уредот кога цртате на него, но скоро сум сигурен дека на пазарот ваков дизајн и не би поминал. Покрај тоа, во него е вграден Windows RT оперативниот систем, кој беше исклучително неуспешен бидејќи на него можеа да се инсталираат само апликации од Windows Store, односно оние наменети за ARM процесори, кои беа и сѐ уште се многу малку на број.

Интересно, Type Cover тастатура за Surface Mini не била во план – Microsoft го планирал овој уред чисто како таблет, а не како замена за мал лаптоп. Токму поради ова добра одлука е што воопшто не го лансираа таблетот, бидејќи од 2014 година досега продажбата на овие уреди продолжува да опаѓа. Да се надеваме само дека долго најавуваниот Surface Phone нема да ги повтори истите грешки на овој мал таблет.

Извор: Windows Central, TechnoBuffalo, The Verge

Претходна статијаВидео серијал Samsung Galaxy S8+: Екран и карактеристики
Следна статијаНаучници креираа сензор за температура кој работи скоро без енергија