gsmarena_001

Најголемиот кинески бренд Huawei не престанува со лансирањето на нови телефони. Нам ни се особено интересни оние од високата класа, бидејќи донесуваат високи перформанси и луксузен изглед, во пониските ценовни категории. Еден од нив е и Mate 8, кој има огромен 6 инчен дисплеј и прилично моќни внатрешни компоненти.

Како и секој модел во понудата на Huawei и овој доаѓа со Android, но тука е вградена најновата Marshmallow верзија, што го прави еден од првите такви смартфони на пазарот, настрана Nexus линијата на Google. Секако, врз Android е ставен новиот Huawei Emotion Skin 4.0, кој би можел да ги забави идните надградби на поновите верзии, но тоа е проблем со скоро сите производители кои имаат дополнителен скин.

gsmarena_002-new

Екранот има резолуција од 1920х1080 пиксели, што на дијагонала од 6 инчи е прилично растегнато и е далеку од главните конкуренти, кои имаат резолуција од 2560х1440 пиксели. Секако, ќе треба буквално да го доближите телефонот до окото за да ја забележите разликата (Mate 8 има 367 ppi), но дефинитивно ја има.

Внатрешните компоненти се кремот на понудата на Huawei – вграден е нивниот Kirin 950 процесор, кој се носи рамо до рамо со најдобрите и има осум јадра, од кои четири се моќни и работат на 2.3 Ghz, а останатите четири на 1,8 Ghz. Процесорот е помогнат од 3 GB, односно 4 GB рам меморија и 32, односно 64 GB и 128 GB простор за складирање податоци, зависно од моделот.

gsmarena_003-new

Како и секој телефон од високата класа и тука е посветено големо внимание на квалитетот на камерите. Задната има 16 мегапиксели, со сензор од Sony и прилично брза f2.0 бленда, додека предната камера има 8 мегапиксели и f2.4 бленда. Батеријата има капацитет од 4.000 mAh, додека во задниот дел е вграден и читач за отпечатоци на прстите.

Она што најмногу импресионира кај новиот Mate 8 е сепак дизајнот. Целосно е изработен од алуминиум и има прилично тенко тело, а околу дисплејот има многу мала рамка. Токму овој детаљ прави да изгледа ексклузивно и напредно – изгледа буквално како да држите дисплеј во раката.

huawei-mate-8-hand-2

Цената на почетниот Mate 8 со 3GB/32GB изнесува 480 долари и расте на 590, односно 700 долари за моделите со 64 и 128 GB капацитет и 4 GB рам меморија. Достапни ќе бидат четири различни бои: Champagne Gold, Moonlight Silver, Space Gray и Mocha Brown. Како и многу други смартфони на Huawei и овој може наскоро да го очекуваме и на нашиот пазар.

Извор: GSMArena, CNET, Ubergizmo

Претходна статијаОткриена античка игра на табла во Кина
Следна статијаОвој Cyber Monday регистрирајте .mk или .мкд домен за 499 денари