Смартпортал е во Минхен, на официјалниот медиа настан каде најголемиот кинески бренд го претстави новите Mate и 10 Pro, нивните најдобри смартфони досега, кои покрај извонредниот дизајн со многу мала рамка околу дисплејот, носат супериорни перформанси, камера со најбрза бленда досега и првиот мобилен чип целосно спремен за вештачка интелигенција.

Да почнеме од почеток. Mate 10 и Mate 10 Pro се исти смартфони во внатрешноста, но се разликуваат во начинот на кој ги презентираат работите. Имено, Mate 10 има 5,9 инчен дислеј со 16:9 сооднос, резолуција од 2560х1440 пиксели и многу мала рамка околу дисплејот, додека Mate 10 Pro има 5,99 инчен OLED со HDR 10 поддршка и 18:9 сооднос, со многу мала рамка во долниот и горниот дел, кој одлично се вклопува во целиот дизајн на уредот. Вака на прв поглед и двата смартфони делуваат исклучително привлечно, но поради потенкиот екран Mate 10 Pro е смартфонот кој сигурно ќе сврти многу погледи од околината и ќе направи да ви завидуваат дури и пријателите со iPhone и Samsung Galaxy S8.

Но, независно од тоа кој ќе се сврти по нив, ова се смартфони кои и кога ги држите во рака оддаваат чувство на луксуз и префинетост – изработката е целосно од стакло, со исклучителна прецизност во деталите и финалната изработка. Тука, буквално е посветено внимание на секој детаљ – од финишот на стаклото, до копчињата и преносот од стаклото кон страничната алуминиумска рамка.

Во внатрешноста на ова прекрасно тело е вграден најновиот Kirin 970 мобилен чип на Huawei, кој има осум јадра (помоќните четири работат на 2,5 GHz) и е изработен на 10 нанометарски процес. Huawei најавува дека ова ќе биде најмоќниот мобилен чип во поглед на перформансите, но дека тоа нема да биде неговата единствена предност.

Имено, ова е првиот мобилен чип во светот со специјален неврален процесор, кој има 25 пати подобри перформанси и 50 пати подобра ефикасност за вештачка интелигенција. Покрај тоа, во Kirin 970 има и специјален чип за подобрување на фотографиите со помош на вештачка интелигенција – ова е првата камера во светот која знае што фотографира, било дали се работи за човек, милениче, храна, пејсаж итн. Исто така, благодарение на вградениот чип за вештачка интелигенција, Mate 10 и Mate 10 Pro можат да преведуваат на преку 50 различни јазици без потреба од интернет.

Кога сме кај фотографиите, назад се вградени две камери. Едната има сензор во боја со 12 мегапиксели, додека втората има црно-бел сензор со 20 мегапиксели. Оваа комбинација е веќе позната од Huawei, но тука е освежена со целосно нови SUMMILUX-H леќи од Leica со супер брза бленда од f/1.6 и оптичка стабилизација, комбинација која би можела значително да го подигне квалитетот на и така веќе одличните камери на Huawei.

Сите овие новитети се заокружени со целосно нов EMUI 8.0 софтвер на Huawei, кој е направен врз база на Android Oreo 8.0, но кој има специјални алгоритми кои подобро ја искористуваат вештачката интелигенција. Одличен пример за тоа се алгоритмите со вештачка интелигенција за батеријата, која има масивни 4.000 mAh, но која со помош на нив може да трае многу подолго од порано. EMUI 8.0 има дури и десктоп мод, што значи дека ќе можете да го користите како десктоп компјутер со поврзување само со најобичен кабел.

Секако, сето ова ќе можеме и да го испробаме – Huawei ексклузивно ни даде уред за тестирање, па наскоро очекувајте и рецензија на нашиот веб сајт, каде заедно ќе ги одгатнеме сите тајни кои ги има во првиот смартфон со вградена вештачка интелигенција. Според она што можевме да го видиме во Минхен, ова е смартфон кој ќе биде исклучително сериозен конкурент на iPhone X, Galaxy Note 8 и LG V30.

Претходна статијаFacebook Stories ќе им бидат достапни и на сопствениците на бренд страни
Следна статијаHuawei Mate 10 Lite – четири камери, одлични перформанси и достапна цена