Заедно со официјалното претставување на Huawei Mate 10 Pro и Mate 10, кинескиот гигант го претстави и моделот од средната класа Mate 10 Lite, кој донесува карактеристики на смартфон од високата класа во понизок ценовен ранг. Благодарение на нив, сметам дека е одличен избор за македонскиот купувач.

Она што на прв поглед импресионира кај Lite моделот е дизајнот со мала рамка околу дисплејот, кој има издолжен сооднос на страните од 18:9 и резолуција од 2160х1080 пиксели, со дијагонала од 5,9 инчи. Вакви екрани досега гледавме само во високата класа и мора да им се оддаде почит на Huawei што истото го постигнаа во многу поевтин и подостапен смартфон.

Во внатрешноста на овој модел ќе се вградува Huawei Kirin 659 чипот, кој има осум јадра и кој е сместен во средно-високата класа. Тој е помогнат од многу солидни 4 GB рам меморија и 64 GB простор, нешто на кое не сме навикнати кога се работи за смартфон од средната класа. Телефонот нормално поддржува и micro SD картички до 256 GB, како и можност за dual SIM. Батеријата пак има капацитет од 3.340 mAh, што би требало да е доволно со оглед на штедливиот чип.

Најголем адут на Mate 10 Lite сепак ќе бидат камерите, кои ги има четири на број. Назад има две, од кои едната има 16, а другата 2 мегапиксели, додека предната комбинација е 13 со 2 мегапиксели. На овој начин, од Huawei велат дека корисниците ќе можат да фотографираат портрети со заматена позадина, исто како кај поскапите смартфони, независно од тоа која камера ја користат.

Mate 10 Lite ги вклучува и сите други можности на еден уред од високата класа, како на пример супер брз читач за отпечатоци кој подобро ги учи со текот на времето и вградено брзо полнење на батеријата. Моделот треба да биде лансиран во ноември, по цена од 350 долари. Ќе биде понуден во три бои – графитно црна, престижно златна и аурора сина и ќе доаѓа со вграден EMUI 5.1 врз Android 7.0.

Претходна статијаHuawei ги претстави Mate 10 и Mate 10 Pro – првите смартфони со вградена вештачка интелигенција
Следна статијаКула Analemma би се градела на 5.000 км од земјата