honor-4c

Кинеските производители имаат се подобри и подобри понуди, особено за пазарите во развој. Наместо спорите паметни телефони, со лоши екрани и слаба батерија, кои ни ги нудеа до пред неколку години, денес нудат одлични модели, со задоволителен квалитет и одлични спецификации. А цената и натаму е задоволително ниска.

Најновиот паметен телефон на познатиот кинески производител Huawei, Honor 4C, има 5 инчен HD екран со резолуција од 1280х720 пиксели и IPS технологија, кој е на нивото на многу телефони што чинат дури и дупло повеќе, а е вклопен во тело со многу мала рамка од страните.

И процесорот е од кинеско производство и тоа HiSilicon Kirin 620, со осум јадра изработени по ARM Cortex A53 архитектурата и брзина од 1,2 GHz. Заедно со графичката Mali T-450 MP4, овој чипсет треба да овозможи задоволителни перформанси за секојдневното користење и играње на полесни игри.

Чипсетот е помогнат од солидна рам меморија од 2 GB, а вграден е и 8 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување со micro SD картичка со големини до 32 GB. Батеријата има 2550 mAh и треба да издржи и повеќе од еден ден користење, особено со оглед на тоа што дисплејот нема многу пиксели, а и процесорот е изработен од штедливите Cortex A53 јадра.

Барем на хартија, камерата е исто така одлична, со сензор со 13 мегапиксели и леќа со брза бленда од f2.0 и LED блиц. Од Huawei велат дека ваквата камера ќе овозможи остри и јасни слики и навечер. Вљубениците во селфи фотографијата ќе ги израдува и предната камера од 5 мегапиксели.

Единствен недостаток, ако можеме така да го наречеме, е тоа што Honor 4C ќе доаѓа со Android KitKat, а не со најновиот Lollipop и не е најавена ниту надградба. Huawei вградува и свој скин, EMUI 3.0, кој многу потсетува на iOS.

Huawei Honor 4C засега ќе биде понуден само на кинескиот пазар, но се очекува лансирање и на другите пазари низ светот, особено помалку развиените. Да се надеваме дека ќе го добиеме и ние, бидејќи со оглед на цената од 130 долари, се работи за одличен телефон!

Извор: Android Central

Претходна статијаFacebook со помалку или воопшто нови функции во Европа поради проблемите со ЕУ
Следна статијаПристигна LG G4 – изработен од кожа и со импресивна камера