Huawei го лансираше својот најнов натпреварувач од средната класа, кој има многу елементи кои потсетуваат на класата погоре, но за цена која е достапна за најголемиот број на купувачи. Honor 6X сепак не е (целосно) нов модел – за него веќе пишувавме, но кога беше претставен за пазарот во Кина под името Mate 9 Lite.

Се работи за прилично добро изработен алуминиумски паметен телефон со 5,5 инчен дисплеј со Full HD резолуција. Во внатрешноста е вграден Kirin 655 чипот со осум јадра (четири на 2,1 GHz, четири на 1,7 GHz), кој е конкурентен на Snapdragon 600 серијата на процесори, помогнат од 3 или 4 GB рам меморија и 32, односно 64 GB простор, зависно од изведбата. Прилично солидни спецификации за уред кој чини само 250 долари во САД.

Најголем адут на овој смартфон сепак се камерите – назад има две, едната со 12 а другата со 2 мегапиксели. Двете камери можат да работат заедно за да се добие ефект на плиток фокус, но и за да се подобри квалитетот на фотографиите, односно тие да се поостри и да имаат помалку шум. Камерата сепак нема Leica леќи, па не очекувајте квалитет на нивото на Huawei P9. Предната камера пак има одлични 8 мегапиксели, што е супер вест за селфи зависниците.

Honor 6X има батерија од 3.340 mAh, што е на солидно, но не е спектакуларно. Во задниот дел е вграден читач за отпечатоци на прстите, кој според првите рецензии е исклучително брз, а телефонот ќе се нуди во три бои – Сива, Златна и Сребрена. За жал, во почеток Honor 6X ќе се испорачува со Android Marshmallow, но Huawei вети надградба на Nougat во второто тримесечје оваа година.

Кај нас очекувајте да пристигне во наредниве неколку месеци, по цена малку повисока од таа во САД, односно нешто под 300 евра.

Извор: Android Authority, Mashable, Digital Trends

Претходна статијаНаслови кои гиковите нестрпливо ги очекуваат во 2017
Следна статијаIntel ги претстави помоќните десктоп и лаптоп верзии на Kaby Lake процесорите