HTC е производителот на Google Pixel смартфоните, но тоа не значи дека тие ќе ја прават и втората генерација. Според некои најави за тоа ќе биде задолжен LG, кој би можел дел од својот арсенал на знаење да го префрли во нив, а тука пред се мислам на самиот дизајн на смартфонот, кој би можел да биде сличен на LG G6 и неговата многу мала рамка околу дисплејот.

Секако, овие „фотографии“ не очекувајте дека ќе бидат финалниот уред – тие се сепак само сет на концепти од различни дизајнери, кои треба да ни најават како ќе изгледаат новите Pixel 2 смартфони.

Едниот концепт на пример неодоливо наликува на Essential смартфонот, додека другиот на LG G6. Нивните креатори замислуваат OLED дисплеј со 18:9 сооднос на страните и QHD+ резолуција и две големини зависно за тоа кој модел се работи.

Според концептите, новите телефони би биле опремени и со 6 GB рам меморија и 128 GB простор, како и со подобрена предна камера со 7 мегапиксели и задна со 12 мегапиксели, а во едниот случај и со двојна камера.

Едниот концепт дури го замислува Google логото со позадинско светло, како кај MacBook лаптопите, што би било многу интересен детаљ, додека големината на батеријата пак би требала да биде огромни 3.800 mAh.

Сите овие најави може лесно да не наведат на тоа дека Google Pixel 2 смартфоните ќе го следат трендот на телефони со многу мала рамка околу дисплејот и ако го следиме пазарот, тоа скоро дефинитивно ќе биде така.

Моментално, Galaxy S8 и S8+ се вистински хит во светот, а најавите се дека и iPhone 8 и Galaxy Note 8 ќе имаат дизајн со многу мала рамка, па за каков и да било успех на пазарот, Google ќе мора да го следи трендот. Соработката со LG секако помогнува во тоа и лично очекувам и Pixel 2 смартфоните да се приклучат на плејадата телефони „само со дисплеј“ во предниот дел.

Извор: Android Headlines, TechnoBuffalo, Gizbot

Претходна статијаOppo F3 смартфонот со двојна селфи камера, отсега достапен и во „црна мат“ верзија
Следна статијаПротекоа фотографии од стаклото на Galaxy Note 8 – ќе биде најимпресивниот смартфон годинава?