Како и што очекувавме, Google на 4ти октомври ги претстави новите Pixel 2 и Pixel 2 XL паметни телефони. Големи изненадувања нема, бидејќи поголемиот дел од информациите ги знаевме од претходно, а веќе ги имавме видено и официјалните фотографии. Според она што имаат да го понудат, Pixel 2 смартфоните ќе бидат солидна конкуренција на iPhone 8, iPhone X и Galaxy Note 8, но се чини дека на Google повторно му недостасува WOW факторот кој го имаат конкурентите.

Ова особено важи за помалиот Pixel 2, кој околу дисплејот има поголема рамка и од некои смартфони од пред 5 години. Навистина, предниот дел на овој телефон изгледа антички, иако оправданието на Google е дека напред се вградени стерео звучници. Во прилично големото куќиште пак е вграден дисплеј со големина од само 5 инчи и Full HD резолуција, чија едниствена предност е веројатно тоа што е AMOLED.

Pixel 2 XL затоа изгледа многу помодрено, иако многумина ќе забележат дека неодоливо потсетува на LG G6 и V30. Тоа е така бидејќи ја користи скоро истата конфигурација на 6 инчен P-OLED дисплеј со 18:9 сооднос (2880х1440 пиксели) со мала рамка и заоблени агли како и смартфоните на LG. Точно е дека на прв поглед на изгледа импресивно, но тоа е така се додека не дознаете дека и овој модел има стерео звучници напред, во прилично малата рамка. Ова е прилично значајна вест во време кога останатите производители кратат на вакви добра кај смартфоните.

Двата смартфони ги делат сите останати спецификации, како Snapdragon 835 процесор, помогнат од 4 GB рам меморија и 64, односно 128 GB простор зависно од моделот. Батериите кај двата телефони се нормално различни – Pixel 2 има прилично мала батерија од 2.700 mAh, додека Pixel 2 XL Има батерија со солидни 3.520 mAh. За жал, и двата модели немаат 3,5 mm излез за слушалки, ниту пак слот за micro SD картичка, но затоа пак имаат Active Edge, исто како HTC U11, каде може да го притиснете телефонот отстрана за да активирате Google Assistant на пример. Исто така, и двата телефони сега имаат IP67 отпорност на вода, како и 3 години надградби на почетниот Android Oreo.

Повторно, најголем адут на Pixel смартфоните ќе биде камерата, која повторно има 12 мегапиксели но извадени од целосно нов сензор, како и леќа со f/1.8 бленда и оптичка стабилизација. Од Google се уверени дека ова повторно е најдобрата камера од сите смартфони во светот, а за тоа ги покажаа и резултатите на DxO Mark, каде тие веќе ги надминаа iPhone 8 Plus и Galaxy Note 8 со 98 освоени поени. И нека не Ве загрижува тоа што назад камерата не е двојна – Google вгради специјален портрет мод кој ја заматува позадината без потреба од втора камера. Предната камера и кај двата телефони има 8 мегапиксели и f/2.4 бленда.

Цените на Pixel 2 и Pixel 2 XL се конкурентни, но само на смартфоните од Apple и Samsung – кинеските конкуренти се повторно многу поевтини. Цената на Pixel 2 изнесува 649 долари за моделот со 64 GB, односно 749 долари за 128 GB, додека Pixel 2 XL чини 849 долари за 64 GB и многу високи 949 долари за 128 GB.

Извор: The Next Web, The Verge, ATS Technica

Претходна статијаСекој корисник на услугите на Yahoo бил жртва на хакерскиот напад во 2013
Следна статијаGoogle Home Mini е мал и евтин звучник со Google Assistant