Samsung секоја година своите нови модели од Galaxy S серијата ги претставува на крајот од февруари, поточно на MWC (Mobile World Congress) настанот за технологија кој се одржува во Барселона. Поради тоа, сите корисници кои со нетрпение го очекуваат претставувањето на S8 моделот, го чекаат крајот на февруари да видат кои од големиот број на гласини ќе се покажат како точни.

Според неофицијални информации од Кореа, можно е одложување на претставувањето на овој уред, па истото би се случило околу 2 месеци подоцна, односно во април. Настанот којшто наводно треба да биде во април, ќе се одржи во Њујорк.

Причината за одложувањето на традиционалниот февруарски настан е времето кое од Samsung сметаат дека им е се’ уште потребно за враќање на довербата кај корисниците после проблемите кои се јавија со Note 7 моделот. Целата Note 7 серија беше повлечена, а веќе има најави дека во САД ќе биде пуштена надградба на софтверот која треба целосно да го исклучи телефонот за корисниците кои го немаат вратено.

Информацијата за одложувањето на претставувањето на Galaxy S8 наводно доаѓа од учесници на состаноците помеѓу Samsung и агенциите кои ќе треба да и помогнат на компанијата во враќање на угледот, односно довербата во брендот.

Со оглед на фактот дека се работи за неофицијална информација, не треба да се зема како сигурна, но нема да бидеме изненадени доколку дознаеме дека S8 нема да може да го видиме на MWC 2017.

Извор: Sammobile, TechnoBuffalo

Претходна статијаРедовно ажурирана мапа со лозинки од Wi-Fi мрежите на аеродромите во целиот свет
Следна статијаPassengers или – Titanic во вселената?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.