Ова веќе подолго време го очекувавме – бидејќи и двата нови Galaxy S8 модели ќе бидат со заоблен дисплеј на страните, Edge веќе нема да стои во името. Едноставно, тоа отсега ќе биде стандард во високата класа на Samsung. Затоа, Корејците ќе го именуваат поголемиот S8 со додаток “+”, кој ќе значи поголем дисплеј.

Вакво именување имаат веќе многу други модели и истото почна со Apple iPhone 6 Plus. Веројатно во неможност да најде нешто поинвентивно, Samsung на некој начин го копира својот најголем противник, со таа разлика што тука до името ќе стои вистински “+”, односно тоа нема да биде напишано со букви.

Сето ова би можело да значи и дека Samsung целосно ќе го исфрли Edge името од употреба, барем за телефоните од високата класа. Истовремено, оваа технологија претпоставувам тие ќе почнат да ја префрлаат во пониските класи, како на пример Galaxy A серијата, која со многу функционалности почна да се доближува до “S” серијата.

Galaxy S8 инаку треба да биде прилично голем скок во однос на претходникот. Дисплеите на двата модели ќе бидат со големина од 5,8 односно 6,2 инчи и тесен, но висок 18,5:9 сооднос на страните. Дизајнот ќе биде сличен, но со многу помала рамка околу екраните, што значи дека навигационите копчиња сега ќе бидат виртуелни во дисплејот, а читачот за отпечатоци ќе биде ставен назад до двојната камера.

Процесорите ќе бидат супер моќни – Snapdragon 835 или Exynos 8895, но батериите ќе бидат малку помали отколку што би очекувале за смартфони со толку голем дисплеј – 3.000 mAh кај помалиот односно 3.500 mAh кај “S8+” моделот.

Galaxy S8 моделите ќе пристигнат на крајот од Март на посебна промоција на Samsung, а не во Февруари на MWC во Барселона како што тоа се случуваше секоја година.

Извор: Android Authority, Tech Times, Yahoo

Претходна статијаApple ќе лансира 5 инчен iPhone годинава, но само најскапиот ќе има безжично полнење?
Следна статија„Зелените“ канцеларии ја зголемуваат продуктивноста кај вработените