Иако меѓу многу наши читатели има фанови на Apple, па и на други производители на Android смартфони, сите мора да признаеме дека Samsung е најиновативниот производител во светот. Да, тие често знаат да вградуваат нови, половични функционалности колку да ги има, но многу од напредокот кој го направија во последниве неколку години сега го копира конкуренцијата.

Galaxy Note 8 е нивниот најнов знаменосец, со кој корејците дефинитивно играат на посигурна карта отколку што тоа го направија со Galaxy S8 и S8+, но тоа не го намалува импактот кој ќе го има овој модел на пазарот.

Всушност, главната причина зошто не сме импресионирани од Galaxy Note 8 на прв поглед е што Samsung не навикна на толку брзо внесување на нови можности и големи скокови во дизајнот, што почнавме да очекуваме тоа да се случува неколку пати во годината. Ова секако не е возможно и затоа Note 8 има надворешен дизајн кој личи на S8, што ако ме прашувате мене не е воопшто лоша работа. Телефонот и натаму е препознатлив како Samsung, и натаму изгледа супер елегантно (сигурно е меѓу најубавите модели на пазарот), и натаму има моќни спецификации, и натаму има врвен дисплеј, и натаму има супер корисно S Pen пенкалце…

Не правете грешка, ова е смартфон кој нема да разочара скоро ниту еден сопственик. Доволно е веројатно да се погледне во супериорниот дисплеј, кој сум сигурен дека е најдобар од сите смартфони досега (OLED екраните на Samsung се навистина чекор пред останатите) и да се стави одлично дизајнираното тело во рака за да се почувствува неговиот квалитет и висока класа. А како бонус, Samsung за прв пат во високата класа вгради двојна камера.

Да, многу од конкурентите веќе имаат двојни камери и ова не е ништо ново, но корејците ќе ја имаат веројатно најдобрата, бидејќи тука и двете леќи се оптички стабилизирани, што ќе помогне во ноќните фотографии (помалку шум) и при снимање видео (постабилни видеа).

Повторно, не се ни сомневам дека ќе биде врвна, бидејќи Samsung веќе докажа дека знае да направи квалитетна камера.

Нормално, кога се зборува за Note 8, мора да се навратиме на неуспешниот Note 7. Факт е, тој смартфон беше промашување, бидејќи буквално му експлодираа батериите, иако во глобала беше одличен паметен телефон. Токму затоа, голем дел од јавноста гледа на Galaxy Note 8 како модел кој треба да ја врати довербата на купувачите, модел кој треба да го „искупи“ Samsung од грешките во минатото. Ова е дополнителна причина зошто на овој модел не се гледа како супер иновативен смартфон – се што ги интересира купувачите е дали повторно ќе експлодира во нивните раце.

Бидејќи се работи за супер сериозна компанија, која сигурно си ја има завршено домашната задача, можам слободно да кажам дека такво нешто нема да се случи, иако низ интернет мрежата сигурно ќе видите многу обиди на некои луѓе да го направат тоа. Без грижи – Galaxy Note 8 не само што нема да експлодира, туку сигурно ќе ви го понуди најдоброто смартфон искуство во моментов на пазарот. Нормално, се до лансирањето на iPhone 8 за околу две недели, кога ќе се навратам на проценката за Note 8.

Претходна статијаAudi имплементира сончеви панели на своите е-возила
Следна статијаРоботизиран вилушкар ќе ги замени работниците во стовариштата