Минатата година Samsung го имаше најголемото фијаско со еден производ во Galaxy Note 7, смартфон кој иако беше најдобар на пазарот кога беше лансиран, имаше проблем со запалива батерија. Ова за многу публикации значеше и убивање на Note линијата, но сега и официјално од Samsung знаеме дека тоа нема да се случи и дека Galaxy Note 8 ќе пристигне на пазарот. А нови информации не само што го потврдуваат тоа, туку најавуваат и дека ќе се случи пред претставувањето на iPhone 8.

Причината за брзањето на Samsung е многу едноставна – iPhone 8 дефинитивно ќе биде импресивен телефон кој ќе направи своевиден бум на пазарот, каков што денес прави Galaxy S8, па доаѓањето на пазарот пред својот главен конкурент може да значи многу „украдени“ клиенти.

Секако, многу е веројатно дека Galaxy Note 8 повторно ќе биде пионер во многу работи – очекувајте да има уште помала рамка во горниот и долниот дел во однос на Galaxy S8 и неколку технологии кои не успеаја да се вградат во него, како на пример читач за отпечатоци под дисплејот, кој најверојатно ќе го има и iPhone 8.

Исто така, најавено е дека Note 8 ќе има извонреден Super AMOLED Plus дисплеј со 4K резолуција растегната на 6,3 инчи, што е многу повеќе од скоро секој друг смартфон, настрана од Sony Xperia XZ Premium. Процесорот во Galaxy Note 8 пак ќе биде Snapdragon 836, кој ќе биде подобрена верзија на 835-ката.

Ова би можело да биде голем удар за „револуционерните“ можности на iPhone 8 ако Galaxy Note 8 биде претставен пред него. А според прилично доверливи информации на SamMobile, тоа ќе се случи во септември оваа година на IFA во Берлин, каде Samsung стандардно претставува по некој нов производ.

Извор: SamMobile, TechSpot, Forbes

Претходна статијаFacebook овозможи коментирање со GIF слики за 30 годишниот јубилеј на овој формат
Следна статијаMicrosoft Office 365 отсега достапен и во Windows Store