Scroll Capture 3-970-80

Корејскиот производител отсекогаш бил еден од водечките во технологијата за дисплеи, но последниве две години се надмина себеси со новите AMOLED екрани, кои имаат многу природни бои, исклучително висок контраст и одлична видливост на сонце. Според DisplayMate, оној во Galaxy Note 5 (и Galaxy S6 Edge+, бидејќи го користат истиот панел), е најдобриот дисплеј во било кој паметен телефон досега.

Да потсетиме, екранот на Note 5 има резолуција од 2560х1440 пиксели, растегнати на дијагонала од 5,7 инчи. Ова значи дека има 518 пиксели по инч, доволно за да не може да ги забележи човечкото око и според DisplayMate, покачувањето на повеќе пиксели е апсолутно непотребно.

Онаму каде е направен вистинскиот напредок е во квалитетот на боите, кои имаат 100% реален приказ, како и бесконечниот контраст, благодарение на AMOLED технологијата. Дисплејот во Note 5 има и 23% посилна осветленост во однос на својот претходник и подобрувања во намалување на самата рефлексија на стаклото, што го прави најдобриот телефон за користење надвор преку ден и на директно сонце.

И покрај покачената осветленост, Note 5 има 21% подобра ефикасност во однос на Note 4, што значи дека и покрај намалувањето на батеријата од 3220 на 3000 mAh, телефонот би требал да има исто време на траење со едно полнење.

Од DisplayMate порачуваат дека сите производители треба да почнат да работат на подобрување на видливоста на дисплејот на сонце и преку ден,како прикажувањето на реални бои, наместо на зголемувањето на резолуцијата, како што тоа го направи Samsung со Galaxy Note 5. А доказ за ова е што според истото истражување, iPhone 6 Plus и натаму има најдобар дисплеј меѓу LCD конкурентите.

Сепак, најавите се дека уште наредната година веќе ќе видиме на пазарот телефони со резолуција од 3200х1800, односно дури и Ultra HD  со 3840х2160 пиксели. Да, човечкото око можеби нема да ја забележи разликата во острината, но маркетинг одделот секако ќе има со што да се пофали.

Извор: TechRadar, SlashGear

Претходна статијаСо Google OnHub рутерот, нема веќе да имате проблеми со Wi-Fi сигналот
Следна статијаИзлезе нова Insider верзија за тестерите на Windows 10